• петок, 27 декември 2024

Од септември следната година приватните универзитети во Грција ќе бидат отворени за студентите

Од септември следната година приватните универзитети во Грција ќе бидат отворени за студентите

Атина, 7 февруари 2024 (МИА) – Од септември 2025 година недржавните и непрофитни универзитети ќе почнат со работа во Грција, а приемот на студентите ќе се врши исклучиво преку државните испити, соопшти министерот за образование Кирјакос Пиеракакис, јави дописничката на МИА од Атина.

Пиеракакис денеска го презентираше владиниот предлог-закон за отворање приватни универзитети во Грција, што веќе еден месец предизвикува негативни реакции кај дел од учениците и студентите.

Освен државните испити, што важат за упис и на државните факултет, како што објасни министерот за образование на Грција, студентите на приватните факултети ќе треба да ги исполнат и критериумите поставени од странскиот универзитет.

Предлог-законот денеска ќе биде ставен на јавна консултација, а потоа ќе биде доставен во Парламентот.

Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, во декември соопшти дека создаваат рамка за конечно во Грција да функционираат непрофитни, недржавни високообразовни институции, истакнувајќи дека станува збор за историска реформа во образованието, а од почетокот на јануари, секој четврток студентите и учениците одржуваат протести против отворањето приватни факултети.

Досега беа одржани четири масовни демонстрации, испратија порака дека високото образование мора да остане државно и бесплатно, а нов протест, како во Атина, така и во други грчки градови закажан е и за утре. ср/паг/

Остани поврзан