• четврток, 12 февруари 2026

Од Росоман стартуваше 9. традиционално зимско искачување на врвот Клепа

Од Росоман стартуваше 9. традиционално зимско искачување на врвот Клепа

Росоман, 8 февруари 2026 (МИА) - Од росоманското село Сирково стартуваше 9. традиционално зимско искачување на врвот Клепа, висок 1.150 метри надморска височина. Организатори на настанот се „Клепа Росоман“ - Росоман заедно со „Грин пауер“ и „АЗОТ“ од Велес и општините Росоман и Градско.

Како што соопштија организаторите на планинарската акција, како покровители се приклучуват и градоначалниците на општините Росоман и Градско, низ чија територија поминува патеката, а како помагатели секоја година се приклучува логистичкиот дел на Армијата и домашни винарии.

- Целта на акцијата пред сè е меморијална, за да се оддаде почит на прерано загинатите планинари Калина и Александар на врвот Кајмакчалан, да се промовира врвот Клепа, како и да се манифестира заедничка соработка помеѓу планинарските клубови и друштва со општините Росоман и Градско, додадоа организаторите на искачувањето на Клепа.

Блаже Мелов од Кавадарци, долгогодишен и искусен планинар, за МИА рече дека лично ги познавал Калина и Александар и дека во нивна чест веќе неколкупати учествува во ова искачување.

- Сите ние би сакале денеска со нас да беа и Калина и Александар. Во нивна чест и сеќавање на убавите моменти што ги поминавме заедно, денеска чекориме кон Клепа и ги чуваме спомените за нив. Раскажуваме за нашите заеднички планинарски доживувања, емотивно раскажа Мелов во изјава за МИА.

Росоманскиот градоначалник Ѓорѓи Крстевски информираше дека Советот на Општина Росоман и локалната самоуправа и оваа година се јавуваат како покровители на настанот.

- Со поддршката на овој настан продолжуваме да ја поттикнуваме спортската рекреација, планинарството и активниот начин на живот, како и промоцијата на природните убавини на нашата општина. Клепа е дел од нашиот природен идентитет, а ваквите настани се можност за заедништво, здравје и промоција на општина Росоман, сподели градоначалникот. свд/дма/

Фото: Блаже Мелов

Остани поврзан