• сабота, 23 ноември 2024

Од први септември почнува упис на кандидати за магистри по младинска работа

Од први септември почнува упис на кандидати за магистри по младинска работа

Скопје, 12 април 2023 (МИА) - Од први септември почнува упис на 25 кандидати за магистри по младинска работа, беше соопштено денеска, на промоцијата на студиската програма за младинска работа, на Филозофскиот факултет, при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје.

- Во време кога се соочуваме со намален наталитет и миграции, во сите развиени земји започна голема кампања за отварање на центри за грижа за младите. Човечкиот ресурс, младите се најзначаен фактор за развој на една држава. Затоа во соработка со Сојузот за младинска работа, акредитиравме студиска програма втор циклус, за младински работници и на тој начин да создадеме профили според закон во сите општини, коишто ќе работат и ќе се грижат за младите. По сите законски измени, денеска сме на почетокот на академскиот дел. Од први септември започнуваме со упис на кандидати за магистри по младинска работа, информираше професор доктор Ратко Дуев, декан на Филозофскиот факултет.

Магистер Моника Зајкова, ја поздрави ваквата иницијатива, како пратеничка и координаторка на клубот на младински прашања и политики во Собранието.

- Како држава, формираме младински центри. Со воведувањето на вакви студиски програми, ќе го заокружиме циклусот што е наменет за младите. Затоа што не смееме да дозволуваме младите да ни одат.  Тука сме да дадеме поддршка, нагласи Зајкова.

Ѓорѓи Тасев, советник за млади и младински политики при Влада на Република Северна Македонија, рече дека ова е еден чекор напред.

-  Нови можности за младите. Како Влада се обврзуваме да продолжиме со развивање на младинската инфраструктура, затоа што е важно да имаме добро развиена и функционална младинска инфраструктура, за да можат утре токму овие младински работници, да има каде да работат, каде да го покажат својот потенцијал. Од друга страна, да продолжиме да ги развиваме сите политики за млади, што на еден начин ќе значат подобро денес и подобро утре за младите. Ова е поттик за сите носители на одлуки. Нема да застанеме овде. Одлично е што имаме партнери, така што се создава еден добар мозаик на клучни чинители во општеството, што дефинитивно има што да покажат и понудат во иднина, додаде Тасев.

Професор доктор Софија Георгиевска, како раководител на оваа програма, го изрази задоволството од досега сработеното, иако, како што рече, патот не бил лесен и истакна дека Филозофскиот факултет е еден од првите на Балканот, што отвара акредитирана програма за младинска работа. Таа соопшти дека ќе бидат опфатени четири задолжителни предмети и осум изборни, а од изборните, студентите ќе можат да изберат три предмети.

Ќе се изучува менаџирање во младинска работа, методологија или начини на изработка на проекти, истражувања поврзани со младинска работа, менталното здравје на деца и млади или како да се обучат младинските работници да работат со деца и млади и кои се детските права и застапувања од страна на младинските работници, социјална заштита и зајакнување на младите, психосоцијална поддршка и слично.

Драган Атанасов од Сојуз за младинска работа, рече дека ова е многу значаен чекор во професионализацијата на младинската работа.

- Со ова сме напред како земја, не само на Балканот, туку и во европски рамки, нагласи Атанасов.

И магистер Александра Петкова, како поранешен студент на Институт за социјална работа и социјална политика, истовремено и претседателка на Сојуз за младинска работа, изрази задоволство од ваквата студиска програма. бд/ац/

Фото: МИА

Остани поврзан