• четврток, 26 декември 2024

Од печат излезе „Лојалност кон Уставот“ од уставниот судија Дарко Костадиновски

Од печат излезе „Лојалност кон Уставот“ од уставниот судија Дарко Костадиновски
Скопје, 8 август 2021 (МИА) - Деновиве од печат излезе книгата „Лојалност кон Уставот” од уставниот судија Дарко Костадиновски. По изданијата на делата „Меѓународна арбитража” и „Меѓунарниот суд на правдата - правни последици од советодавните мислења”, во фокусот на неговиот најнов труд се уставното право и уставното судство. Судијата Костадиновски во новата книга детално ги разработува и анализира издвоените мислења во уставно-судските постапки, нивниот поим, аргументите за и против издвоените мислења, препораките односно таканаречените „златни правила”, издвоените мислења во Уставниот суд на Република Северна Македонија. Авторот детално се осврнува на вонредната состојба предизвикана од коронавирусот COVID-19, разработувајќи ги неговите шест издвоени мислења. Понатаму авторот дава хронолошки преглед на девет издвоени мислења кои не се поврзани со вонредната состојба. - Но оваа книга не претставува обична збирка на издвоени мислења. Самиот нејзин наслов „Лојалност кон Уставот” не се однесува само на неговата лична приврзаност кон Уставот и неговите највисоки вредности, начела, принципи и гаранции преточени во неговите одлуки и издвоените мислења. Напротив, нејзината правна, научна, општествена вредност е многу поголема и ги надминува тие граници. Имено, авторот во неа расправа за една многу значајна насушно потребна тема, предизвик, за уставниот патриотизам, за правната, уставната култура во нашето општество, наведува во предговорот на книгата деканот на Правниот факултет Јустинијан Прима проф. д-р Сашо Георгиевски. Дополнува дека во книгата авторот расправа за суштината на највисоките уставни вредности, начела и гаранции кои треба да ги обезбеди еден независен и самостоен Уставен суд. Судијата Костадиновски поставува исклучително релевантни прашања. Кому му е потребен, кому му одговара Уставен суд кој има предизвици со својата независност и самостојност? Зошто и по 30 години Уставниот суд е една од најмалкуте реформирани институции во државата? Тој не само што расправа, туку и нуди решенија за можните правци во развојот и реформите. Предлозите кои ги дава судијата Костадиновски се во насока Уставниот суд кој несомнено е на врвот на пирамидата на владеењето на правото во едно слободно и демократско општество, да се бори и да си ја обезбеди својата суштинска независност и од таа уставна позиција да рефлектира стабилност и сигурност во уставно правниот поредок, да ги чува и штити слободите и правата на човекот и граѓаните, да ги оживотвори уставните вредности, начела и гаранции, да им даде смисла во нивните манифестации, да ги поставува правните стандарди за сите останати. ар/вј/

Остани поврзан