• среда, 25 декември 2024

Од верските календари

Од верските календари
13 април 2020 (МИА) ОД КАЛЕНДАРОТ НА МПЦ Според календарот на МПЦ (Јулијанскиот календар) денеска е 31 март. Денеска е Св. Ипатиј Гангрски. Роден е во Киликија, а бил епископ во градот Гангра. Учествуваше на Првиот Вселенски Собор. На сите страни бил прочуен заради благочестивиот живот и дарот на чудотворство. Царот Констанциј нареди да се изобрази ликот на Ипатиј уште за време на животот на овој светител и тој лик царот го држеше во својот дворец како оружје против секаква непријателска сила. Враќајќи се еднаш од Цариград Ипатиј беше нападнат во еден теснец од еретиците новатијани и турнат од друмот во некоја кал. При ова една жена од таа дружина го удри со камен во главата и вака светителот го заврши својот земен живот. Но, жената одеднаш полуде и го зеде истиот оној камен и со него се удираше самата себеси. Кога ја доведоа на гробот на Свети Ипатиј и Му се помолија на Бога за неа, по големата милосрдност на Свети Ипатиј, таа се исцели и остатокот од животот го помина во покајание и молитва. Свети Ипатиј пострада и се пресели во Царството на Христос во 326 година. ОД КАТОЛИЧКИОТ КАЛЕНДАР Денеска е Мартин Први. Тој со црквата Господова управувал од 649 до 656 година. Бил роден во Умбрија. Во 649 година бил избран за папа и го повикал соборот на кој бил осуден монотелитизмот (погрешното учење кое вели дека во Христос е само една волја). На соборот, во исповедувањето на верата и во дваесетте канони било развиено учењето за две волји во Исус Христос, божествената и човечката. Под влијание на кривоверците во 653 година, царот Константин го одвел свети Мартин во Цариград. Поради големите измачувања тој умрел во 656 година. Свети Мартин го прославува и Католичката и православната црква. ###

Остани поврзан