Од аероклубови до господари на небото: Никола Петковски - пет децении лет над македонското небо
- Да се лета, да се освојат небесните височини. Искусниот македонски пилот, кумановецот Никола Петковски 50 години е професионален пилот. Се пензионираше на 1 октомври, минатата година, а сега, со почетокот на 2026 година го посети Прилеп да ја прими дипломата „Пол Тисантиер“ на Светската воздухопловна федерација.
Прилеп, 19 јануари 2026 (МИА) -
Елизабета МИТРЕСКА
Да се лета, да се освојат небесните височини. Искусниот македонски пилот, кумановецот Никола Петковски 50 години е професионален пилот. Се пензионираше на 1 октомври, минатата година, а сега, со почетокот на 2026 година го посети Прилеп да ја прими дипломата „Пол Тисантиер“ на Светската воздухопловна федерација.
Од далечната 1975 година, до денес, Петковски интензивно го освојувал македонското небо. Досега управувал со 24 типови авиони. Не е лесно, но е возбудливо, предизвикувачки и професија којашто мора да се сака. А почнал од аероклубот во Куманово.

-Сон ми беше на 16-годишна возраст да бидам член на „Аероклубот“ од Куманово. На 17 години завршив обука за едриличарство, на 18 години завршив обука на авион. И од 1975 година, до денес интензивно летам - 50 години професионално работев како пилот. На 1 октомври 2025 година завршив со пилотството. Досега сум управувал со 24 типа на авиони. Работев како пилот-инструктор, па вовоздухопловна авијација, исто и во земјоделската авијација, вели Петковски.
Горд е на дипломата на Светската воздухопловна федерација за неговата 50-годишна кариера како пилот. Порачува дека државата мора да се врати на поддршката за аеро клубовите во земјава. Сега се пет, но без нив, вели, нема идни пилоти, и државата денес „кубури“ со пилоти.

-Државата во последните 30 години крена раце од финансирањето на воздухопловството во аероклубовите кои беа база за обука на пилоти и на кадри во Македонија. Кога се осамостоивме од Југославија, во Македонија имаше193 пилоти. А денеска Македонија има околу 40 пилоти. Армијата пред неколку години направи обука и од 200 кандидати, ја поминаа само осум души, објаснува Петковски.
Според искуството на Петковски, треба да се активираат Аероклубовите во земјава кои се база за кадрите кои ќе се оформуваат за воздухопловството, за да не дојдеме во ситуација да нема пилоти за гаснење пожари, а и за војската. Државата да преземе обврска за секој аероклуб. Да има пет аерошколи кои секоја година да може да создадат 5-6 едриличари. А сите 30-тина едриличари секоја година да овозможат пет или 10 пилоти да може да се обучат во годината и тоа државата да може да го финансира. Да не дојдеме во ситуација државата да нема пилоти. Постојано треба да има кадри. Инаку на секој родител му требаат барем 100 000 евра да финансира, да се создаде пилот. А кој родител тоа може да го издржи?, анализира искусниот освојувач на македонското небо, пилотот Никола Петковски.

Петковски вели дека има интерес кај младите.
-Им порачувам, кога ќе ја почнат обуката за авион, треба и да ја завршат. Професијата е многу убава, но бара многу финансиски издатоци за да се стигне до степенот кога професионално ќе се работи, порачува искусниот пилот Петковски.
И младите ќе го освојуваат небесниот бескрај
Токму 16-годишниот прилепчанец Лука Најдоски може да биде дел од новите македонски надежи во височините. Моментално е светски јуниорски шампион во впздухопловно моделарство.

Со воздухопловното моделарство се занимава веќе пет години. Прво почнал со сопствен модел што го изработил со татко си, а сега користи готови модели на едрилици. Сега е во Воздухопловната академија во Белград, Србија.
-Во 2025 година го освоив Светскиот куп во воздухопловно моделарство. Во категоријата Ф1А во јуниорската конкуренција. Тоа беше збир од натпревари во Романија, Србија, Бугарија. Едноставно, од рана возраст ме привлече воздухопловството. Обожавам сѐ што е поврзано со летање. Овој спорт ми донесе уште поголема желба да работам и да истражувам во воздухопловството. Ми даде цели во животот. Се запишав на Академијата за воздухопловство во Белград, Србија. Таму сум во насоката за авиотехничар. Односно, механичар за авиони, сервис и контрола, ентузијастично објаснува младиот прилепчанец Лука Најдоски.

Аеро-клубовите- лукла на идните пилоти- господари на височините
Дека аероклубовите во Македонија се лулка на идните пилоти, господари на височините сведочи и ентузијазмот во прилепскиот клуб „Фил Феникс“. Постои 25 години, активно организира меѓународни натпреварувања и е горд на резултатите. Веќе се подготвува за годинашните два врвни натпревари - Светски и Европски куп.

-Македонија е дефинитивно во рамките на меѓународната воздухопловна федерација. Воздухопловната федерација на Македонија е дел од сите дисциплини на Меѓународната федерација. Нашиот ентузијазам во 25 години е успешен. Имаме постојан континуитет во меѓународните наптревари. Прилеп е средиште, секоја година, на тие натпреварувања во воздухопловното, спортско моделарство. И годинава сме организатори на две, на крајот на јули и во почетокот на август. На Светскиот куп на воздухопловно моделарство во јуниорска и на Европскиот куп во сениорска конкуренција. Вкупно, куповите ќе траат 11 дена со преку 45 репрезентации од цел свет. Прилеп е организатор и на Светскиот куп во дронови. Аероклубовите се, дефинитивно, лулката на идните македонски пилоти, заклучува Здравко Тодороски, претседател на прилепскиот клуб „Фил Феникс“ и член на Македонската воздухопловна федерација.

Македонија ги чека своите млади, идни, господари на небото.
фото: МИА