• сабота, 23 ноември 2024

Одржан Топ 8 турнирот во пинг-понг во сениорска и У15 категорија

Одржан Топ 8 турнирот во пинг-понг во сениорска и У15 категорија
Скопје, 16 мај 2022 (МИА) - Александар Јакимовски од ППК Крива Паланка и Изабела Ковачовска од ППК Зегин Берово се пинг-понг шампионите на Македонија во категорија У15. Во сениорската категорија, првото место го освоија Петар Костовски од ППК Младост 96, односно Амелија Николов од ППК Шампион Фа, информираат од Пинг-понг федерацијата на Македонија. Оттаму соопштуваат дека викендов се изиграле уште два од најтешките натпреварувања во пинг-понг Топ 8 турнирите во сениорска конкуренција и конкуренција помлади од 15 години.
- На 14.05.2022 во Крушево се изигра ТОП 8 турнирот во конкуренција помлади од 15 години. Победник во машка конкуренција беше Александар Јакимовски од ППК Крива Паланка, кој со освоените поени и само 5 поени разлика пред Лука Стојчев од ППК Шампион Фа успеа да стане шампион на Македонија во категорија У15. Третото место на овој турнир го освои Филип Ангела од ППК Пелагонија.
Кај девојките првото место го освои Изабела Ковачовска од ППК Зегин Берово пред Фани Јовановска од ППК Крушево и со тоа со убедлива предност на ранг листата стана Шампионка на Македонија за сезона 2021/22 во категорија У15. Третото место на овој турнир го освои Софија Хасану од ППК Крушево, стои во соопштението од федерацијата.
Топ 8 турнирот во сениорска конкуренција се одржал во Штип на 15 мај 2022 година.
- Победник во машка конкуренција беше Петар Костовски од ППК Младост 96. Второто место го освои Филип Младеновски од ППК Шампион Фа и со освоените поени стана Шампион на Македонија за сезона 2021/22 година. Третото место му припадна на Антонио Стомнароски од ППК Младост 96.
Кај жените победи Амелија Николов од ППК Шампион Фа и со овие поени стана и Шампионка на Македонија со убедлива предност на ранг листата за сезона 2021/22. Второто место го освои Бојана Михајловска од ППК Рисови а третото место го освои Билјана Младенова од ППК Шампион Фа, дополнуваат оттаму. ар/дма/

Остани поврзан