• среда, 25 декември 2024

Одржан Иселеничкиот фолклорен фестивал во Охрид и Струга

Одржан Иселеничкиот фолклорен фестивал во Охрид и Струга

Охрид, 20 јули 2023 (МИА) – Сто и дваесет играорци од пет македонски културно-уметнички друштва учествуваа на Иселеничкиот фоклорен фестивал што во организација на Агенцијата за иселеништво од 16 јули до денеска се одржа во Охрид и Струга.

На отворањето на фестивалот ги поздрави директорот на Агенцијата за иселеништво, Слободан Близнаковски, посакувајќи им успешни настапи и пријатен престој во татковината.

Културно-уметничките друштва од иселеништво на 17 и 18 јули ги разиграа срцата на многубројните посетители во Охрид и Струга.

Членовите на Културно-уметничкото друштво „Македонка" од Виена, Македонскот културно друштво„ Св. Кирил и Методиј" од Крањ, „Македонија" од Сплит, Ансамблот „Сонце" од Крајова и Националниот ансамбл на Македонците во Србија „Тоше Проески", преку македонски изворни песни и ора покажаа како ја негуваат македонската култура во иселеништво.

Тие за време на фестивалот имаа можност да ги посетат Свети Наум, Вевчанските извори и музејот во Вевчани.

Учесниците на фестивалот денеска имаа етно-работилница на која етнологот Даниел Филипов и фолклористот Здравко Банар во придружба на музичари кои свираат на изворни инструменти, презентираа македонски народни носии, нивните детали и специфичности од различните региони, презентираа изворни инструменти кои најчесто се употребуваат во  македонското народно музичко творештво, како и чекори од познати македонски ора кои се негуваат во македонските културно уметнички друштва. аб/цр

Фото/Агенција за иселеници

 

Остани поврзан