• недела, 24 ноември 2024

Одржана 38. сесија на Клубот на истражувачите

Одржана 38. сесија на Клубот на истражувачите
Скопје, 5 март 2021 (МИА) - Во рамките на 38. сесија на Клубот на истражувачите денеска беше презентиран истражувачкиот труд на Михаи Копачу, Јоана Маџоска и Мите Митески насловен „Динамички стохастичен модел на општа рамнотежа (ДСГЕ-модел) со делумна евроизација: случајот на македонската економија“, изработен во рамките на твининг-проектот „Јакнење на институционалниот капацитет на Народната банка на патот кон нејзиното членство во ЕСЦБ“, финансиран од Европската Унија. Пред поголем број истражувачи економисти од земјава, како и пред студенти на високообразовните институции, Мите Митески и Јоана Маџоска ги претставија истражувачките согледби и заклучоци, во име на авторите. На почетокот, информираат од Народна банка, беше истакнато дека во рамките на овој проект за првпат се воспостави моделот ДСГЕ во којшто се вградени финансиски фрикции, а којшто истовремено е приспособен за спецификите на македонската економија – фиксен девизен курс и парцијална финансиска евроизација. Воедно, беше нагласено дека за разлика од постојните макроекономски модели коишто се користат во Народната банка, новиот модел е поставен на микроекономски основи, во којшто се моделираат односите помеѓу банките, домаќинствата, претпријатијата, централната банка и државата. Притоа, во споредба со макроекономскиот модел којшто тековно е во употреба, беше истакнато дека резултатите од моделот ДСГЕ се солидни, што овозможува негово понатамошно користење за целите на анализата на политиките и претставува основа за негова надградба. Во рамките на работниот материјал којшто беше презентиран детално е опишана теоретската структура на моделот, микроекономските врски, оценетите параметри коишто ги определуваат цикличните својства на моделот, како и методите за евалуација на моделот (функции импулс-реакција, декомпозиција на варијансата и историска декомпозиција на шоковите). Како што беше наведено во презентацијата, моделот може да служи за симулации преку коишто може да се следи реакцијата на различни променливи на одделни шокови, како и нивната трансмисија во останатите сектори од економијата. Исто така, пред присутните на сесијата беше изнесен заклучокот дека движењата во финансискиот сектор се покажаа како особено значајни за макроекономските периодични промени во македонската економија. На крајот од излагањето беше посочено дека истражувањето засновано на овој модел е релевантно за носителите на политиките бидејќи овозможува опсежна анализа на економскиот циклус во нашата држава во последните 15 години. По презентацијата на трудот, истражувачите коишто учествуваа на сесијата отворија низа релевантни прашања мотивирани од презентацијата, при што во дискусијата се разменија повеќе експертски видувања и се согледаа натамошни истражувачки предизвици. Во искажувањата на учесниците беше посочено дека презентираниот труд, којшто претставува прв од ваков вид, ќе биде значајна референца за натамошни истражувања и анализи на влијанието на движењата во финансискиот сектор врз економијата и дека тој дава значајни согледби за носителите на политиките. Според најавите, следната сесија на Клубот на истражувачите ќе се одржи во јуни. Народната банка се вбројува меѓу централните банки коишто вложуваат во истражувачката активност и во постојаното јакнење на аналитичката инфраструктура, овозможувајќи со тоа истражувачки сознанија и анализи коишто можат и треба да бидат дополнителен придонес за соодветно градење на политиките. Затоа, и една од компонентите во рамките на твининг-проектот „Јакнење на институционалниот капацитет на Народната банка на патот кон нејзиното членство во Европскиот систем на централни банки“, финансиран од Европската Унија им е посветена на знаењата и вештините во анализата на политиките. Во рамките на овој проект, којшто е во својата завршница, експерти од Народната банка, заедно со експертот од централната банка на Романија, г. Михаи Копачу, работеа на истражување на врската помеѓу реалните и финансиските циклуси во македонската економија, преку примена на динамичкиот стохастичен модел на општа рамнотежа (модел ДСГЕ) со делумна евроизација. вј/лв/  

Остани поврзан