• четврток, 26 декември 2024

Одржана работна средба за состојбата во ФК ,,Каменица Саса"

Одржана работна средба за состојбата во ФК ,,Каменица Саса

Македонска Каменица, 17 јуни 2023 (МИА) - Во Македонска Каменица заврши работната средба за согледување и утврдување на моменталните состојби во ФК „Каменица Саса“. Средбата по претходно објавен јавен повик на иницијатива на дел од навивачките групи  „Багери“ и „Стара Гарда Багери“ ја свика градоначалникот на Македонска Каменица, Димчо Атанасовски, кој истакна дека целта е изнаоѓање на начини за создавање на услови за повисоко ниво на функционирање во клубот. 

Атанасовски изрази задоволство од учеството на спортските работници, спортистите и навивачите на ФК Каменица Саса, потенцирајки дека на средбата во присуство на дел од членовите на Советот на Општина Македонска Каменица, со соочување на факти за работењето на клубот, имало конструктивна, коректна и конкретна расправа.

-Во текот на двочасовната расправа, беа дадени повеќе идеи и конкретни предлози од поголем број присутни на средбата, за изнаоѓање на начини и можности за подобро функционирање на Фудбалскиот клуб Каменица Саса. Со лоцирани проблеми, потешкотии и аномалии во досегашното работење и функционирање од изминатите натпреварувачки сезони, беа иницирани нови средби и состаноци, каде органите и телата на клубот ќе ги утврдат следните конкретни чекори на делување и излез од ситуацијата во која се наоѓа клубот, рече Атанасовски.

Тој изрази благодарност до сите за присуството на денешната работна средба, а Општина Македонска Каменица како што најави во иднина ќе продолжи да го поддржува спортот и фудбалскиот клуб Каменица Саса.

Претседателот на клубот, Борче Максимовски го искористи присуството на поголем број присутни членови на Собранието на клубот за закажување на итен состанок кој ќе се одржи следниот понеделник со почеток од 19:00 часот.

Фудбалскиот клуб Саса со своето 55-годишно постоење, како што беше потенцирано на средбата успева успешно да го негува и развива фудбалот во Македонска Каменица, давајќи му посебно и приоритетно место при креирањето на идните планови и програми за развој на спортот во заедницата. вс/дма/


Фото: МИА

 

Остани поврзан