• петок, 26 јули 2024

Одреден притвор за тројцата инженери од Крушик заради шпионажа за фирма од Северна Македонија

Одреден притвор за тројцата инженери од Крушик заради шпионажа за фирма од Северна Македонија

Белград, 24 јули 2024 (МИА) - На тројцата инженери од Крушик од Ваљево осомничени за кривичното дело шпионажа за фирма од Северна Македонија им е одреден притвор до 30 дена, по вчерашниот повеќечасовен распит во Вишото јавно обвинителство во Ваљево, јави дописникот на МИА од Белград.

Осомничените М.О. (1987), Д. Л. (1960) и Д. М. (1961), се поранешни и сегашни инженери во воената холдинг компанија „Крушик“ од Ваљево обвинети дека неовластено изнесувале доверливи податоци и деловно-техничка документација од „Крушик“ и истите ги доставувале на фирма од Северна Македонија, на штета на „безбедносните, одбранбените, воените и други интереси, како и за слабеење на моќта на Србија“.

Еден од тројцата осомничени се бранел со молчење.

Во понеделникот во заедничка акција на Безбедносно информативната агенција (БИА), Воено-бебедоносната агенција (ВБА), МВР и Вишото јавно обвинителство во Ваљево, уапсени се тројца инженери од српската фабрика за производство на оружје и муниција „Крушик“ поради постоење основи за сомнение дека сториле кривично дело шпионажа затоа што во текот на 2024 година континуирано контактирале со државјани на Северна Македонија, вработени во компанијата „АТС груп“, на чело со Шевкет Демировски.

Вчера за оваа шпионска афера се огласи и српскиот претседател Александар Вучиќ со оценка дека Северна Македонија е само проточен бојлер кон други служби во регинот.

-Ова трае долго време, тоа го прават од сите страни. Ова го следиме долго време. Точно знаеме за кого станува збор, преку кого тоа ишло и кој бил и кој требало да биде крајниот корисник. Северна Македонија е проточен бојлер, точно е еден од тие лица, но е проточен бојлер на некои други служби во регионот, изјави Вучиќ.

Според Новости и Спутник Србија при претрес на Д.М., поранешен инженер на „Крушик“, како и Д.Л и М.О., хонорарано ангажирани инженери, сите тројца од Ваљево, пронајдена е украдена документација со ознака: „Одбрана - службена тајна - доверливо“, договори за соработка со фирмата на Демировски, запленети се десетици илјади евра и други девизи во готовина, пронајдени се докази за перење пари со инвестирање во градежништво, бројни компјутери, мобилни телефони, флеш драјвови и документација која укажува на шпионажа за македонска компанија која има погони во Скопје и Катар, која официјално ги снабдува турските и катарските вооружени сили со муниција од мал калибар и опрема за балистичка заштита.

Соред пензионираниот генерал-мајор Милорад Ступар, основач и прв командант на 72-та специјална бригада на Војската на Србија, „шпионската група била заинтересирана за кражба на технологии не само за производство на минофрлачки проектили од 60 до 120 милиметри, туку и за артилериска муниција од 155 милиметри и за ракети, затоа што за овие средства има голема побарувачка во светот во кој моментално се водат околу 50 војни, а пазарните цени се и до десет пати повисоки од фабричките, поради што профитот е огромен“. об/нд/

Фото: МИА архива

Остани поврзан