• четврток, 19 декември 2024

Одлуки од 174. седница на Владата

Одлуки од 174. седница на Владата

Скопје, 25 јули 2023

Владата на Република Северна Македонија ја разгледа Информацијата од Министерството за здравство за високите температури и усвои соодветни мерки и препораки со важност за следните два дена, а со цел намалување на ризиците од високите температури согласно Акцискиот план на Министерството.

Мерките и препораките се однесуваат за деновите: 26.07.2023 година (среда) и 27.07.2023 година (четврток).

Согласно усвоеното, Владата препорачува:

• Ослободување од работни обврски на најранливите групи население, како што се: бремените жени и лица на возраст над 60 години;

• Во установите за згрижување на децата (градинки), да не се практикува физичка активност и да не се изнесуваат децата на отворено во периодот од 11:00 до 17:00 часот;

• Единиците на локалната самоуправа, Црвениот крст и Центрите за социјални работи, во регионите зафатени со топлотниот бран да пружаат помош на осамени, стари, изнемоштени лица и бездомници;

• Со оглед дека одредени ризични производствени и технолошки процеси може да претставуваат дополнителен ризик по здравјето на изложените работници, се потсетуваат работодавците на обврската за почитување на законските прописи од оваа област.

Согласно добиените информации, Владата донесе заклучоци:

• Државните органи и јавните претпријатија и установи да ги почитуваат препораките;

• Владата препорачува на приватниот сектор да го организира работното време со цел заштита од директна сончева изложеност на работниците, пред сѐ избегнување престој на отворено во периодот од 11:00 до 17:00 часот;

• Сите правни субјекти кои вршат активности на отворено, да ги запрат активностите во периодот од 11:00 до 17:00 часот, а ова особено се однесува на работата на градежните работници;

• Градинките треба да го организираат работното време во периодот од 7:00 до 17:00 часот, со тоа што не треба да практикуваат физичка активност и да не се изнесуваат децата на отворено по 11:00 часот.

Владата разгледа Информацијата од Министерството за образование и наука со предлозите за Календарот за организација на учебната 2023/2024 година во основните училишта и јавните средни училишта и донесе одлука во учебната 2023/2024 година учениците од основното и средното образование да имаат и пролетен распуст.

Согласно одлуката, почетокот на учебната година е 1 септември, првото полугодие треба да заврши на 29 декември 2023 година, а од 30 декември 2023 година учениците ќе користат зимски одмор, при што почетокот на второто полугодие е предвиден за 22 јануари 2024 година.

Во периодот од 29 април 2024 година, до 5 мај 2024 година, учениците ќе бидат на пролетен распуст. Учебната година ќе трае до 17-ти јуни 2024 година, а летниот одмор почнува на 18-ти јуни 2024 година и завршува на 31 август 2024 година.

Владата, на денешната седница, на предлог на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопансство, донесе Одлука за определување на јачменот како земјоделски производ, за којшто се однесуваат интервенциски мерки.

Со одлуката се овозможува поддршка за складирање од род 2023 година, заради нарушување на односот помеѓу понудата и побарувачката и стабилизација на пазарот со  јачмен, што значи обезбедување пониска цена за складирање или покривање на трошоците за складирање на јачменот.

Владата донесе и Уредба за изменување и дополнување на Уредбата за постапката за доделување на финансиска поддршка за складирање на земјоделски производи, а со којашто покрај пченицата, се додава и јачменот како земјоделски производ за којшто ќе се овозможи да се добие финансиска поддршка за складирање.

Станува збор за зголемување на поддршката за складирање за пченица и јачмен од 60 денари на 120 денари по тон за месец, со вклучен ДДВ.

Владата ја разгледа и усвои Информацијата за донесување Одлука за распределба на средства согласно со Финансискиот договор за Проектот за подобрување на водната инфраструктура на општините во Северна Македонија и донесе таква Одлука.

Општините во државата и во градот Скопје, како што е соопштено од Министерството за животна средина и просторно планирање, средствата ќе ги добиваат како донација за реализација на приоритетни инвестиции за водоснабдителни и канализациони системи, како и за системи за третман на отпадни води и набавка на опрема којашто ќе биде во прилог на подобрување на водоводната инфраструктура на нивна територија.

Владата на денешната седница ја разгледа Информацијата со хронологија за постапките за доделување на концесиите за детални геолошки истражувања и експлоатација на минерална суровина - бакар и злато на локалитетот „Иловица“, општина Босилово и општина Ново Село на Друштвото за производство, промет и услуги ЕУРОМАКС РЕСОУРЦЕС ДОО Скопје, со прилози, поднесена од Министертсвото за економија.

Информацијата, којашто беше и образложена на седницата, е согласно Извадокот од Нацрт записникот од 171-та седница на Владата на Република Северна Македонија, одржана на 18 јули 2023 година, во врска со управните и судски постапки, заклучоци и информации, поврзани со експлоатацијата на минерална суровина – руди на бакар и злато на локалитетот „Иловица“ општина Босилово.

Повеќе информации во врска со оваа точка на дневниот ред на владината седница, од интерес на јавноста, како што е веќе најавено, ќе бидат соопштени на прес конференција.

Влада - Сектор за односи со јавноста
Генерален секретаријат

___________________________________________________________

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

Остани поврзан