Одлуката на САД да испорача касетна муниција на Украина е гест на очај и „признавање на слабостите“, тврдат руските власти
- Руските власти денеска оценија дека одлуката на САД да испорача касетни бомби во Украина е гест на „признавање на слабостите“, додавајќи дека тоа ќе го направи Вашингтон „соучесник“ во убивањето цивили со тоа контроверзно оружје.
Москва, 8 јули 2023 (МИА) - Руските власти денеска оценија дека одлуката на САД да испорача касетни бомби во Украина е гест на „признавање на слабостите“, додавајќи дека тоа ќе го направи Вашингтон „соучесник“ во убивањето цивили со тоа контроверзно оружје.
„Пренесувањето на касетна муниција е гест на очај и признавање на слабостите во контекст на неуспехот на таканаречената украинска контраофанзива“, се вели во соопштението на руското Министерство за одбрана.
Руската дипломатија го осуди „циничниот обид да се продолжи агонијата на актуелните украински власти кои не се грижат за цивилните жртви“, бидејќи овие касетни бомби убиваат неселективно.
„Со набавка на касетна муниција, Вашингтон всушност ќе биде соучесник и ќе биде одговорен за смртта на руски и украински деца“, додаваат руските власти.
Тоа оружје е забрането во многу земји, особено во Европа, потписнички на Конвенцијата од Осло од 2008 година. Во таа конвенција не се вклучени ниту САД, ниту Украина, ниту Русија.
Американскиот претседател Џозеф Бајден изјави дека одлуката за испорака на касетна муниција во Украина е „многу тешка“, но дека е „исправна“. рп/
Фото; МИА архива