• четврток, 26 декември 2024

Одложено гласањето во СБ на ОН за резолуцијата за прекин на огнот во Газа

Одложено гласањето во СБ на ОН за резолуцијата за прекин на огнот во Газа

Њујорк, 23 март 2024 (МИА) – За денеска планираното гласање во Советот за безбедност на ОН за резолуција со која се повикува на хуманитарен прекин на огнот во војната во Газа за време на светиот муслимански месец Рамазан е одложено за понеделник, јави ДПА.

Гласањето првично беше закажано за денеска, но е одложено во последен момент, при што дипломатите ги продолжија преговорите зад затворени врати за да биде поверојатно усвојувањето на нацрт-резолуцијата, дознава ДПА.

Русија и Кина неделава ставија вето на резолуцијата со која се бара итен прекин на огнот во војната меѓу Израел и Хамас, а која беше поднесена од САД.

Последната нацрт-резолуција повикува на итен хуманитарен прекин на огнот за Рамазан „што ќе доведе до траен одржлив прекин на огнот“. Рамазан започна на 10 март во многу земји и завршува на 9 април.

Нацрт резолуцијата, исто така, повикува на итно и безусловно ослободување на сите заложници и ја нагласува потребата од испорака на хуманитарна помош низ Појасот Газа.

Доколку резолуцијата биде одобрена, тоа ќе биде првпат од почетокот на израелската воена операција против палестинската исламистичка организација Хамас на почетокот на октомври, најмоќното тело на ОН да се изјасни за постојан прекин на огнот во Појасот Газа, појаснува ДПА.

За усвојување, резолуцијата во Советот за безбедност на ОН бара најмалку девет од 15-те гласови, а не смее да има вето од ниту една од петте постојани членки.

Според меѓународното право, резолуциите на Советот за безбедност се обврзувачки, а доколку засегнатата држава ја игнорира, оваа тело на ОН може да воведе санкции, постсетува германската агенција. сд/

фото:МИА архива

Остани поврзан