• четврток, 26 декември 2024

Одложена 40. седница на Уставниот суд

Одложена 40. седница на Уставниот суд

Скопје, 8 ноември 2023 (МИА) - Уставниот суд денеска ја одложи 40. седница поради немање на услови за изгласување на дневниот ред.

Како што информираат од Судот, при дискусијата за утврдување на дневен ред еден од судиите предложи од денешната седница да се повлече предмет во кој е опфатена иницијатива за оценување на уставноста на член 6 став 4 од Законот за даноците на имот. Образложението за овој предлог за повлекување на судијата е што во предметот не е обезбедено мислење на Владата на Република Северна Македонија, како предлагач на Законот.

- Со барањето за повлекување на оваа точка од дневниот ред не се согласи судијата-известител кој го изготви рефератот за оспорениот член од Законот за даноците на имот. Со оглед на различните гледишта се разви дискусија, при што дел од судиите инсистираа да се постапува согласно воспоставената пракса, односно предмет да биде повлечен од дневниот ред кога некој од судиите ќе побара дополнително време за проучување, прибирање дополнителна документација или информации, без притоа да се гласа за повлекувањето на точка од дневен ред, информираат од Судот.

Дискусијата, како што посочуваат од Уставен, завршила на начин што потребно мнозинство не доби предлогот на судијата-известител да не се повлекува точката, но и предлогот на еден од судиите да се повлече точката од дневниот ред, па следствено на тоа не се исполнија условите да се изгласа дневен ред и да почне седницата.

Уставниот суд потсетува дека во овој момент функционира со вкупно седум од предвидени девет судии. Судот ги донесува одлуките со мнозинство од најмалку пет гласа. Дневниот ред исто така се изгласува со мнозинство, односно минимум пет гласа. 

Седницата со истиот дневен ред за кој се предвидени осум иницијативи за оценување на уставност и законитост е закажана за 14 ноември, во вторник, велат од Уставен суд. дма/лв/

Фото: МИА архива  

Остани поврзан