• четврток, 26 декември 2024

Одземена надлежноста на градоначалникот на Виница за именување директор во гимназијата „Ванчо Прке“

Одземена надлежноста на градоначалникот на Виница за именување директор во гимназијата „Ванчо Прке“

Виница, 23 јуни 2023 (МИА) – Министерот за образование и наука, Јетон Шакири донесе решение со кое му ја одзема надлежноста на градоначалникот на Виница, Миле Петков за разрешување и именување директор во средното општинско училиште „Ванчо Прке“.

По вонредниот инспекциски надзор, што го извршил Државниот просветен инспекторат, утврдено е дека во законскиот рок не бил направен избор на директор на училиштето, иако Училишниот одбор ја завршил постапката.

По претходна согласност од градоначалникот, Училишниот одбор во март објавил јавен оглас за директор и доставил предлог за еден кандидат, но првиот човек на Општината испратил известување дека нема да изврши избор. Училишниот одбор повторно го доставил предлогот, но градоначалникот не го прифатил.

- Градоначалникот на Општина Виница, со одлука од мај годинава одлучил да не избере директор во СОУ „Ванчо Прке“ поради истекување на роковите за избор, иако Училишниот одбор во законскиот рок од 45 дена ја спровел постапката и доставил предлог за директор. Одлуката на градоначалникот е спротивна на Законот за средно образование, а решението е со важност од една година и во тој период работите поврзани со одземената надлежност ќе ги врши Министерството за образование и наука, се истакнува во решението што го потпишал министерот Шакири.

Кандидатот за директор, предложен од Училишниот одбор на СОУ „Ванчо Прке“, претходно поднел жалба до Второстепената комисија за одлучување во управна постапка и таа била прифатена. Исто така, Комисијата ја поништила одлуката на градоначалникот, а предметот го вратила на повторна постапка. та/

фото: МИА

Остани поврзан