• недела, 29 декември 2024

Одговор од Трифун Костовски на реакциите за извештајот за „Еуростандард банка“

Одговор од Трифун Костовски на реакциите за извештајот за „Еуростандард банка“
26 август 2022  Одговор на Трифун Костовски, по повод реакциите на институциите и бивши гувернери поврзани со обзнанувањето на истрагата за стечајот на Еуростандард банка, водена од Драго Кос. Почитувани граѓани на Република Македонија, Денес ќе го изнесам моето лично видување на оркестрираните реакции од страна на Народна банка на Македонија, Комерцијална банка, Македонска банкарска асоцијација, Јавното обвинителство вклучително и реакциите на бившите гувернери на Народна банка, господата Гошев и Богов. Најнапред, сакам да обзнанам дека истрагата која беше презентирана и објавена на социјалните мрежи е водена без мои сугестии во текот на целата истрага. За вакво тврдење укажува фактот дека и мојата Еуростандард банка во ништо не беше поштедена при самиот чин на обзнанување на извештајот. Ве убедувам, не треба да имате ниту трунка сомнеж за веродостојноста на веќе објавениот извештај, изготвен од најеминентни стручни познавачи на банкарскиот криминал. Реакциите на сите погоре споменати институции и личности имаат заеднички именител, а тоа е да се брани нешто што не е одбранливо. Поривите на институциите до некаде ги разбирам, бидејќи објавениот извештај се однесува на севкупниот банкарски систем на Република Македонија, каде Еуростандард банка била само една мала алка во синџирот на незаконско работење. Последиците од овој извештај може да бидат многу тешки за целата држава, доколку институциите повикани да делуваат го отворат случајот и се зафатат со вистинско расчистување на организираниот криминал во банкарскиот систем. Од тој аспект, токму поради можноста за евентуален банкрот на Македонија, упатувам апел до институциите да час поскоро се зафатат во костец со овој организиран криминал и да го елиминираат многу внимателно, при што главните креатори и носители на овој криминал да бидат изнесени пред лицето на правдата. Извештајот недвосмислено укажува дека Еуростандард банка, како дел на овој децениски безмилосно воспоставен систем кој е во непречена функција веќе две децении, е колатерала. Зошто? Затоа што ние акционерите сакавме заедно со новиот Управен одбор на банката да излеземе од ваков систем на функционирање. Тоа не ни го дозволија. Прашање е кој? Тоа се токму институциите и лицата кои први реагираа на објавениот извештај. Објавениот извештај има несоборливи факти, пред кој посебно Обвинителството не смее да молчи, туку напротив треба да преземе сериозни чекори во расчистувањето на ова општествено зло, со најмали можни последици по државата. Од соопштението на Народна банка произлегува заклучокот дека оваа многу сериозна институција е водена од личност која во себе нема инкорпорирано никакво познавање на макро-економски, микро-економски и финансиски план. Недвосмислено е дека најсилните банки во Република Македонија се дел од ова општествено зло. Ќе ги повторам многупати искажаните аргументи дека Народна банка без да ги користи сите инструменти, со умисла ја однесе Еуростандард банка во стечај. Таа ги прескокна вонредните мерки, кои во себе вклучуваат одземање на лиценци, а лиценца значи право на извршување на должност на лица, членови во Надзорниот одбор, Управниот одбор и директори на сектори во банката. Ако јас сум згрешил во изборот на Управниот одбор, а Народна банка била свесна дека лиценцираниот од нејзе директор работи спротивно на законот за банки, тогаш таа требаше да ги одземе лиценците. Тоа од страна на Народна банка никогаш не беше сторено. Инструментот воведување администрација во банката се прескокна од причина само нив позната, а денес и во јавноста е јасно дека средства за наплата во банката имало и дека по едногодишна пауза повторно ќе ѝ беше вратена лиценцата. Факт кој говори за тенденциозноста на Народна банка да го изврши овој чин е тримесечното одбивање да биде примен на разговор потенцијалниот инвеститор и купувач кој ги имаше исполнето сите критериуми, барани од страна на Народна банка. Дрзок беше чинот од страна на гувернерката Бежоска кога во нејзиното интервју за неделникот Фокус, објавено на 3 септември 2020 година, недвосмислено потврди дека инсистирањето на докапитализацијата каде ние акционерите вложивме нови 11 милиони евра, само 6 месеци пред објавувањето на стечајот, било со единствена цел – да се обезбедат клиентите на Еуростандард банка. И на крајот, јавноста мора да знае дека на 7 август 2020 година е одржана видео-конференција меѓу Надзорниот одбор на Еуростандард банка и ВД генералниот директор Димитар Бојаџиоски со вицегувернери и директори на супервизија од страна на Народна банка, кога се утврди датум дека до 14 август, ние акционерите мора да ја докапитализираме банката за нови 2,4 милиони евра. За жал, гувернерката Бежоска не го дочека 14 август за да види дали ние, акционерите, ќе ја докапитализираме банката, туку два дена порано, на 12 август, таа ја однесе банката во стечај. Повторувам, Народна банка е само егзекутор, додека наредбодавците се токму лицата кои го имплементираа незаконското банкарско работење со заеми кои доведоа до димензии на неподносливост. Сакам јавноста да знае, бидејќи сите реакции почнувајќи од Комерцијална банка, Народна банка и Македонската банкарска асоцијација, говорат за стабилноста на банкарскиот систем во Македонија. По светската реномирана агенција за рангирање Standard & Poor’s, банкарскиот систем во Македонија е во слободен пад. Во 2020 година го имала рејтингот ББ+, во 2021 година рејтингот паѓа само на ББ, а во оваа 2022 година банкарскиот рејтинг е ББ-. Следното паѓање, според оваа реномирана агенција, би било во многу пониски категории. Ова се факти кои говорат како е перцепиран нашиот банкарски систем. Во врска со изјавите на господата Гошев и Богов, мојот коментар е следен: Според објавениот извештај првите индикации за појавување на недозволени позајмици во банкарскиот систем се евидентирани во 2004 година, токму во моментот кога за гувернер е назначен Петар Гошев. Се прашувам дали Гошев се брани себеси или го штити неговиот патрон? Реакцијата на господинот Богов е на место. За многумина од нас сè уште е нејасно како може вака етаблиран банкарски систем да функционира. Сакам да упатам до господинот Богов прашање: дали како гувернер на Народна банка функционираше како независно тело или беше ставен под контрола на одредени силни играчи на политичкиот и банкарскиот свет? Конкретно се работи за продажбата на старата Алфа банка каде до последните денови Еуростандард банка беше прва на листата за нејзино купување, со што објективно Еуростандард банка ќе зајакнеше, меѓутоа во последните пет дена пред продавањето на Алфа банка наеднаш се појави фирма, тукушто формирана со минимален капитал, која дојде на прво место како потенцијален купувач по критериумите на Народна банка и господинот Богов. Господине Богов, бидете искрен кој ви нареди Еуростандард банка да не ја купи Алфа банка и дали чувствувате вина за ова што ѝ се случи на Еуростандард банка? За јавноста да знае, тогашната Алфа банка е денешната Силк Роуд банка. Обзнанувам, дека ќе следат пресови во блиска иднина кои временски нема да бидат лимитирани и каде во детали ќе бидат обзнанети шемите на така наречените позајмици. Со почит Од кабинетот на Трифун Костовски ____________________________________________________________________________ МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.  

Остани поврзан