• сабота, 27 јули 2024

Од верските календари

Од верските календари
12 јуни 2022 (МИА) ОД КАЛЕНДАРОТ НА МПЦ Според календарот на МПЦ (Јулијанскиот календар) денеска е 30 мај. Денеска е Духовден - Слегување на Духот Свети. Овој празник се смета за роденден на Христовата црква. Имено, пред вознесението Христос им порача на апостолите да останат во Ерусалим и да го чекаат слегувањето на Духот-Утешител. На десеттиот ден од Христовото вознесение, на еврејскиот празник Педесетница, Светиот Дух слезе врз апостолите во вид на пламени јазици, а овие се исполнија со сила и добија дар да зборуваат на разни јазици. Тоа е конкретниот настан. Но, за црквата овој настан има посебно значење затоа што Светиот Дух од тоа време па се до денес не ја напушта црквата. Духот е критериум за се што се случува во црквата и на општ и на личен план. Во таа смисла, Духот од оној ден во Ерусалим непрестано слегува врз црквата на Литургијата, во молитвите, во сите дела. Тој е оној Дух по кој христијанскиот живот се нарекува духовен. ОД КАТОЛИЧКИОТ КАЛЕНДАР Денеска е Св. Иван од Факунда. Се родил во 1430 година во шпанската покраина Леон. Своето школување го завршил во шпанскиот град Саламанка. Сериозно се подготвувал за свештенички живот и за проповедничка служба. Станал познат како светец и како проповедник на Господовите зборови. Како голем миротворец, со своите проповеди се обидувал да ги смири несогласувањата меѓу луѓето во Саламанка. Покрај тоа, им помагал на болните луѓе и на сиромашните. Свети Иван умрел во 1479 година.

Остани поврзан