• сабота, 23 ноември 2024

Од верските календари

Од верските календари
16 април 2022 (МИА) ОД КАЛЕНДАРОТ НА МПЦ Според календарот на МПЦ (Јулијанскиот календар) денеска е 3 aприл. Денеска е Преподобен Никита Мидикиски (Лазарова сабота). Во времето на византискиот император Лав Петти Ерменецот, еден од бастионите на православието загрозено од иконоборството беше и Мидикискиот манастир. Игумен на овој манастир беше свети Никита, по потекло од Кесарија Витиниска. Мајката на Никита умре уште додека овој беше дете, а татко му го остави кај баба му и се замонаши. Кога Никита порасна и го заврши образованието и самиот го остави светот и се замонаши во Мидикискиот манастир. Тука тој подоцна стана игумен. Овој тврд во верата игумен многу пострада од иконоборците, беше затворен и мачен, но не се поколеба во верата. Се упокои во 824 година, а неговите мошти беа положени во неговиот манастир. ОД КАТОЛИЧКИОТ КАЛЕНДАР Денеска е Велика Сабота. По ноќната света Миса, т.е. свечената литургијата по повод Велигден време е за радост која трае педесет денови т.е. до празникот Духови. Во библиските записи кои денеска ќе се читаат на свечената света Миса, верниците ќе се припомнат на сите Божји добродетелства низ човечката историја, како и на еден од најголемите Негови добродетелства, дека починал за нашите гревови и по три денови славно воскреснал. ОД ИСЛАМСКИОТ КАЛЕНДАР Времето за ифтар и суфур Во Скопје, времето за ифтар (кога завршува постот), денеска е во 19:22 часот, додека времето за суфур (кога почнува постот) е во 4 часот и 6 минути. Времето за ифтарот и суфурот во Прилеп и Куманово почнува една минута порано, во Велес две минути порано, Штип три минути, во Кочани четири минути, во Струмица и Валандово пет минути, а во Делчево шест минути порано. За разлика од времето за ифтарот и суфурот во Скопје, во Ресен и Битола ифтарот и суфурот почнуваат една минута подоцна, во Тетово, Гостивар и Кичево две минути, а во Охрид, Дебар и Струга пет минути подоцна. ###

Остани поврзан