• вторник, 24 декември 2024

Од верските календари

Од верските календари
13 мај 2020 (МИА) ОД КАЛЕНДАРОТ НА МПЦ Според календарот на МПЦ (Јулијанскиот календар) денеска е 30 април. Денеска е Св. апостол Јаков Заведеев. Свети Јаков е брат на богословот и евангелистот Јован. Тој беше меѓу неколкумината најблиски Христови ученици. Со него беше на Гората на Преображението, во Гетсиманија... Него и брат му Јован Христос ги нарече синови на громот, поради нивната искрена и пламена вера. По Христовото вознесение тој останува во Ерусалим, а од книгата Дела апостолски дознаваме за неговата маченичка смрт во времето на Ирод Агрипа Први (44 година). Подоцна, моштите му се пренесени во Шпанија. Постои предание дека таму и проповедал, но не може да се земе како веродостојно. ОД КАТОЛИЧКИОТ КАЛЕНДАР Денеска е Св. Андрија Хуберт Фурнет. Бил роден во 1752 година во Сант Пјер де Маиле, во Франција. Се одлучил за духовниот сталеж и во 1776 година станал свештеник. Целиот свештенички живот го посветил на одгледување деца, им помагал на болните луѓе и сиромашните. Луѓето го почитувале како вистински светец. Господ го прославил со многу чудесии. Умрел во 1834 година. ОД ИСЛАМСКИОТ КАЛЕНДАР Времето за ифтар и суфур Во Скопје, времето за ифтар (кога завршува постот), денеска е во 19 часот и 51 минута, додека времето за суфур (кога почнува постот) е во 3 часот и 15 минути. Времето за ифтарот и суфурот во Прилеп и Куманово почнува една минута порано, во Велес две минути порано, Штип три минути, во Кочани четири минути, во Струмица и Валандово пет минути, а во Делчево шест минути порано. За разлика од времето за ифтарот и суфурот во Скопје, во Ресен и Битола ифтарот и суфурот почнуваат една минута подоцна, во Тетово, Гостивар и Кичево две минути, а во Охрид, Дебар и Струга пет минути подоцна. ###

Остани поврзан