• четврток, 26 декември 2024

Од верските календари

Од верските календари
2 ноември 2020 (МИА) ОД КАЛЕНДАРОТ НА МПЦ Според календарот на МПЦ (Јулијанскиот календар) денеска е 20 октомври. Денеска е Св. великомаченик Артемиј. Словенскиот збор маченик е изведен од грчкиот мартис, што значи, сведок. Во Црквата мачениците со својот живот, посебно со својата подготвеност да умрат за Христос, сведочеа за нивната вера дека Христос е Бог кој, на крајот од времето, ќе ги подигне од мртвите и ќе им даде живот во вечноста. Оттаму, Црквата ги нарекува великомаченици тие кои го посведочиле ова со посебна сила. Еден од нив е Артемиј. Живеел во времето на цар Константин, а пострадал после неговата смрт, од раката на царот Јулијан, кој отстапи од верата во Христа и се обидуваше во Рим да го врати паганството. ОД КАТОЛИЧКИОТ КАЛЕНДАР Денеска е Задушница. Денеска се молиме за душите во чистилиштето. Според католичката вера, кога човекот ќе умре, ако се покајал за своите гревови и ако душата му е потполно чиста, оди во рајот да ужива вечно. Оној кој не направил големи гревови и се покајал, но душата му е нечиста со малите гревови, се става во состојба на трпение, додека трпението потполно не му ги исчисти гревовите, а потоа оди во рајот. Црквата не потикнува да се молиме често, да палиме свеќи, да правиме добри дела и кај свештениците да нарачуваме да се чита Светата миса за тие души што побрзо да одат во рајот. ###

Остани поврзан