• среда, 25 декември 2024

Од верските календари

Од верските календари
15 мај 2020 (МИА) ОД КАЛЕНДАРОТ НА МПЦ Според календарот на МПЦ (Јулијанскиот календар) денеска е 2 мај. Денеска е Св. Атанасиј Велики. Свети Атанасиј се роди во Александрија, во 296 година. Уште како мал покажуваше голема љубов за Христа. Беше многу близок со тогашниот епископ на Александрија, светиот Александар. По смртта на свети Александар беше избран за епископ на истата катедра. Многу претрпе од тогашните еретици, аријанците, а Господ му даде долг и плоден живот. Се упокои во 373 година. На денешен ден се празнува пренесувањето на неговите мошти, како и чудата што се случуваа над нив, а неговиот посебен празник е на 18 ја¬нуари (според стариот календар). ОД КАТОЛИЧКИОТ КАЛЕНДАР Денеска е Св. Изидор. Бил роден во 1080 година, во Мадрид. Бил земјоделец и работел на полиња. Се оженил со една побожна девојка. Во Мадрид бил вработен кај Иван де Варгас во кој стекнал доверба. Господ сакал да го прослави, а анѓелите биле со него додека тој орал. Тој постојано работел на нивите и се молел. Неговиот господар се уверил дека Изидор работи и затоа уште повеќе го почитувал. Свети Изидор е пример на молитва и работа. Умрел во 1170 година. ОД ИСЛАМСКИОТ КАЛЕНДАР Времето за ифтар и суфур Во Скопје, времето за ифтар (кога завршува постот), денеска е во 19 часот и 53 минути, додека времето за суфур (кога почнува постот) е во 3 часот и 12 минути. Времето за ифтарот и суфурот во Прилеп и Куманово почнува една минута порано, во Велес две минути порано, Штип три минути, во Кочани четири минути, во Струмица и Валандово пет минути, а во Делчево шест минути порано. За разлика од времето за ифтарот и суфурот во Скопје, во Ресен и Битола ифтарот и суфурот почнуваат една минута подоцна, во Тетово, Гостивар и Кичево две минути, а во Охрид, Дебар и Струга пет минути подоцна. ###

Остани поврзан