• сабота, 23 ноември 2024

Од верските календари

Од верските календари
11 септември 2021 (МИА) ОД КАЛЕНДАРОТ НА МПЦ Според календарот на МПЦ (Јулијанскиот календар) денеска е 29 август. Денеска е Отсекување на главата на Св. Јован Крстител. Во времето кога Јован проповедаше во Палестина, во Галилеја владееше Ирод Антипа, еден од синовите на оној Ирод што насекаде се прослави со својот расипан карактер. Овој наследи некои особини од татко му, па ја избрка својата законита жена и живееше незаконито со Иродијада, жената на својот се уште жив брат Филип. Јован отворено и пред целиот народ го прекоруваше и го разобличуваше за тоа, па Ирод го затвори. Во една прилика Ирод приреди гозба во својот дворец. Ќерката на Иродијада, Саломија, го восхити Ирода со својата страствената игра на гозбата, така што овој замаен од пиењето и вети се што ќе посака. Саломија, поучена од мајка и, која не можеше да му го прости јавното разобличување на Јована, ја побара главата на пророкот. Ирод нареди и Јован беше обезглавен. Иродијада продолжи да се изживува над мртвата Јованова глава и го избоде неговиот јазик со игли. Подоцна еден дворски слуга чесно ја закопа главата на свети Јован Крстител. Наскоро злосторниците ги снајде заслужената казна. Првин кнезот Арета, таткото на законитата Иродова жена, подигна војска и го порази Ирода, а подоцна цезарот Калигула го протера во Галија, па во Шпанија, каде Ирод и Иродијада ги завршија своите неславни животи во беда и понижување. Саломија, пак, ја снајде лоша смрт во реката Сикорис. ОД КАТОЛИЧКИОТ КАЛЕНДАР Денеска е Св. Иван Габриел Пербоур. Бил роден во 1802 година во Монгести во јужна Франција. Откако завршил теологија во 1825 година станал свештеник. По негова желба бил испратен како мисионер во Кина. За време на прогонствата свети Иван бил уапсен во 1839 година. Во затвор бил осум месеци. Поради тешката исцрпеност од измачувањата неговото здравје било нарушено. Умрел во 1840 година. ###

Остани поврзан