• недела, 01 септември 2024

Од верските календари

Од верските календари
2 јуни 2022 (МИА) ОД КАЛЕНДАРОТ НА МПЦ Според календарот на МПЦ (Јулијанскиот календар) денеска е 20 мај. Денеска е Спасовден - Вознесение Христово. Спасовден, или празникот на Христовото вознесување на небото е четириесеттиот ден од Воскресението. Господ во текот на 40 дена по своето воскресение им се јавуваше на учениците, зборувајќи им за царството Божјо. И откако им заповеда да не го напуштаат Ерусалим, туку да го чекаат слегувањето на Светиот Дух, тој ги изведе своите ученици во Витанија, ги благослови и се вознесе на небото. Додека учениците гледаа во облакот што го сокри Господа пред нивните очи, ангелите им објавија дека истиот Исус кој од нив се вознесе на небото пак ќе дојде на ист начин како што го видоа да се вознесува. Овој празник се нарекува Спасовден затоа што во денот на Христовото вознесение се доврши делото на спасението. ОД КАТОЛИЧКИОТ КАЛЕНДАР Денеска е Св. Марчелин и Петар. Во втората половина на третиот век, тие биле свештеници во римската црква. Во 303 година, за време на Диоклецијановите прогонства, свети Марчелин и Петар биле измачувани поради верата во Христос. Уште од времето на папата Дамаз постојат стари извештаи за нивното мачеништво. Тој сведочи дека еден судија наредил мачениците да бидат убиени во една густа шума, за да им се загуби секаква трага. Мачениците Марчелин и Петар морале сами да си ископаат гробови.

Остани поврзан