• вторник, 12 ноември 2024

Од верските календари

Од верските календари
3 јуни 2022 (МИА) ОД КАЛЕНДАРОТ НА МПЦ Според календарот на МПЦ (Јулијанскиот календар) денеска е 21 мај. Денеска е Св. Константин и Елена. Во времето кога во Рим царуваше Диоклецијан управник на западните римски области беше христољубивиот Констанциј Флор, кој во бракот со света Елена го доби синот Константин. Последниов во историјата толку се прослави, што го доби името Велики. За христијаните, пак, тој е првиот благочестив цар. Во 313 година, тој го издаде познатиот Милански едикт, со што се прекина тривековниот прогон на христијаните во Римската империја. Со него почнува една нова, христијанска ера во Римската државна историја, а тоа Константин го одбележи со пренесувањето на престолнината од древниот многубожечки Рим, во новиот град Константинопол. Свети Константин го свика и Првиот вселенски собор во 325 година, на кој црквата ја осуди ереста на Ариј. Изгради многу величествени цркви, посебно во Ерусалим. Пред смртта се крсти, а по смртта црквата го приброи овој цар меѓу своите светила, заедно со неговата мајка Елена. ОД КАТОЛИЧКИОТ КАЛЕНДАР Денеска е Св. Карло Лванга и неговите другари, маченици на Уганда. Од 1885 до 1887 година, кралот на Мванга поради омразата кон христијанската вера погубил многу христијани во Уганда. Некои од нив работеле во кралскиот двор или биле луѓе поверливи на кралот. Меѓу нив се истакнал Карло Лванга и околу 20-тина негови другари кои храбро ја сведочеле својата вера во Христос Спасителот. Некои од нив биле убиени со меч, други биле запалени, бидејќи не сакале да ги послушаат нечесните желби на кралот, за одрекување од верата во Христос.

Остани поврзан