• среда, 25 декември 2024

Од верските календари

Од верските календари
22 јуни 2021 (МИА) ОД КАЛЕНДАРОТ НА МПЦ Според календарот на МПЦ (Јулијанскиот календар) денеска е 9 јуни. Денеска е Духовден - Слегување на Духот Свети (Трет ден). Овој празник се смета за роденден на Христовата црква. Имено, пред вознесението Христос им порача на апостолите да останат во Еруса¬лим и да го чекаат слегувањето на Духот-Утешител. На десеттиот ден од Христовото вознесение, на еврејскиот празник Педесетница, Светиот Дух слезе врз апостолите во вид на пламени јазици, а овие се исполнија со сила и добија дар да зборуваат на разни јазици. Тоа е конкретниот настан. Но, за црквата овој настан има посебно значење затоа што Светиот Дух од тоа време па се до денес не ја напушта црквата. Духот е критериум за се што се случува во црквата и на општ и на личен план. Во таа смисла, Духот од оној ден во Ерусалим непрестано слегува врз црквата на Литургијата, во молитвите, во сите дела. Тој е оној Дух по кој христијанскиот живот се нарекува духовен. ОД КАТОЛИЧКИОТ КАЛЕНДАР Денеска е Св.Иван Фишер и Св. Тома Мор. Биле убиени во 1535 година кога и биле прогласени за светци по 400 години. Иван Фишер бил бискуп, а Тома Мор, државен канцелар на англискиот крал Хенрик Осми. Голем број католици во Англија останале верни на Римокатоличката црква. Меѓу нив се истакнуваат Иван Фишер и Тома Мор, кои биле убиени поради тоа што не му се покориле на кралот и бидејќи останале верни на Римокатоличката црква.

Остани поврзан