• сабота, 23 ноември 2024

Од верските календари

Од верските календари
24 октомври 2022 (МИА) ОД КАЛЕНДАРОТ НА МПЦ Според календарот на МПЦ (Јулијанскиот календар) денеска е 11 октомври. Денеска е Св. апостол Филип. Свети апостол Филип потекнуваше од Кесарија Палестинска. Беше женет и имаше четири ќерки. Кога светите апостоли ги бираа ѓаконите во ерусалимската Црква, што требаше да се грижат за бедните и болните и да ги организираат вечерите на љубовта т.е. агапите, меѓу нив беше избран и Филип. А кога настана гонењето на христијаните во Ерусалим, тој се повлече во Самарија и таму го проповедаше Евангелието, и не само што го проповедаше, туку и го сведочеше со многу чуда, изгонување на демони и исцелување на болни. Го заврши овој живот мирно и во длабока старост и се пресели во радоста на својот Господ. ОД КАТОЛИЧКИОТ КАЛЕНДАР Денеска е Св. Антун Марија Кларет. Роден е во 1807 година во шпанската покраина Каталонија во период кога во Шпанија се ширел атеизмот. Кога станал свештеник проповедал во многу места во Шпанија, на Канарските острови и на Куба, каде бил и надбискуп и им ја вратил верата во Господ и задгробниот живот на милиони луѓе кои отпаднале од верата. Верниците му се молат за зајакнување и за напредок во верата. ###

Остани поврзан