• среда, 25 декември 2024

Од верските календари

Од верските календари
23 април 2022 (МИА) ОД КАЛЕНДАРОТ НА МПЦ Според календарот на МПЦ (Јулијанскиот календар) денеска е 10 април. Денеска е Велика Сабота. Својата проповед за небесното царство, т.е. за блажениот, спокоен и радосен живот, Христос ја започна на свои 30 години и проповедаше 3 години. Но, како Бог тој не замолкна како што секој човек замолкнува со својата смрт, туку и вистински мртов како човек продолжуваше да проповеда на оние што од почетокот на времето и човечкиот род умреа од бодилото на смртта. Велика Сабота е ден на свештен трепет пред Христовото воскресение. ОД КАТОЛИЧКИОТ КАЛЕНДАР Денеска е Св. Јурај. Бил роден во Кападовија, во Мала Азија. Неговиот татко умрел маченички. Тој се посветил на војничкиот живот. Ја сакал молитвата и го читал Светото писмо, размислувајќи за вечните вистини, за маките кои ги претрпел Исус Христос за спасување на светот. Кога царот Диоклецијан издал проглас дека хрстијаните мора да се одрекнат од верата, а свештениците и бискупите да бидат осудени на смрт, Јурај веднаш отишол кај него и му рекол "Зошто така постапуваш со христијаните кои не се виновни". Царот се изненадил бидејќи мислел дека Јурај е паганин и се обидел со мачење да го натера да се одрекне од верата во Христос. Но, Јурај не се одрекол од верата и поради тоа во 303 година му била отсечена главата. ОД ИСЛАМСКИОТ КАЛЕНДАР Времето за ифтар и суфур Во Скопје, времето за ифтар (кога завршува постот), денеска е во 19:30 часот, додека времето за суфур (кога почнува постот) е во 3 часот и 52 минути. Времето за ифтарот и суфурот во Прилеп и Куманово почнува една минута порано, во Велес две минути порано, Штип три минути, во Кочани четири минути, во Струмица и Валандово пет минути, а во Делчево шест минути порано. За разлика од времето за ифтарот и суфурот во Скопје, во Ресен и Битола ифтарот и суфурот почнуваат една минута подоцна, во Тетово, Гостивар и Кичево две минути, а во Охрид, Дебар и Струга пет минути подоцна. ###

Остани поврзан