• среда, 13 ноември 2024

Одбиено тужбеното барање на Камчев за оштетното побарување од Боки-13 и Катица Јанева

Одбиено тужбеното барање на Камчев за оштетното побарување од Боки-13 и Катица Јанева
Скопје, 15 јули (МИА) - Основниот суд Скопје 2 го одби тужбеното барање на Орце Камчев за оштетното побарување од Бојан Јовановски - Боки 13 и Катица Јанева за случајот „Рекет“. Како што стои во соопштението од Основниот Граѓански суд, со пресуда тужбеното барање е одбиено како неосновано. При објавата, судијата - претседател на советот во образложение на ваквата одлука изјавил дека „Странката која дејствувала несовесно не може да го бара назад она што го дала на странката која дејствувала исто така несовесно“. - Странката која дејствувала несовесно, односно знаела дека чини нешто што е недопустливо, не може да го бара назад она што го примила од странката која дејствувала исто така несовесно, стои во соопштението од судот. Камчев бараше од Катица Јанева и Бојан Јовановски да му исплатат 1,5 милиони евра, кои наводно ги дал како рекет, откако претходно на едно од рочиштата тој ја повлече тужбата против Зоран Милески-Кичеец. Во случајот „Рекет“, Бојан Јовановски доби затвор од девет години за делата примање награда за противзаконито влијание и за перење пари, додека Јанева е осудена на седум години затворска казна за злоупотреба на службената положба и овластување. Според обвинителниот акт, Бојан Јовановски влијаел врз Катица Јанева, за таа да бара поблаги мерки против Јордан Камчев, обвинет во предметот „Империја“, случај кој го почна поранешното Специјално јавно обвинителство. ар/аа/

Остани поврзан