• сабота, 23 ноември 2024

Одбиени амандманите на Европскиот фронт за уредување на речни корита, средствата се веќе обезбедени

Одбиени амандманите на Европскиот фронт за уредување на речни корита, средствата се веќе обезбедени

Скопје, 30 јули 2023 (МИА) - Комисијата за финансирање и буџет попладнево го заврши вториот ден од амандманската расправа за ребалансот на Буџетот за 2024 годин. Претседателката на Комисијата Соња Лукаревска, продолжението го закажа за утре во 12 часот.

Во продолжението на денешната расправа, беа одбиени шест амандмани поднесени од пратеници од Европскиот фронт, кои се однесуваа на барање на средства од буџетот за уредување на речни корита.

Заменик-министерот за финансии Николче Јанкуловски посочи дека средства за таа намена се обезбедени од Европската инвестициска банка со одлука, потпишана од Артан Груби, донесена на 7 август 2023 година.

- Се работи за група на амандмани кои се однесуваат за Општина Липково. Согласно одлуката за распределба на средства, согласно со финансискиот договор, за проектот за подобрување на водната инфраструктура на општините во Република Македонија, испланирани беа 50 милиони евра од Европската инвестициска банка за таа намена. Согласно таа распределба, каде што се спомнати сите 80 општини, за Општина Липково се испланирани 967.374 евра. Така што, овој амандман не се прифаќа, односно е беспредметен, рече заменик-министерот Јанкуловски.

Од истите причини, не беше прифатен и амандманот на Моника Зајкова од ЛДП, кој се однесуваше на уредување на речно корито во Општина Зелениково.

Пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ Марија Петрушевска забележа дека во минатото кога таа предлагала амандмани кои се однесувале на доделување на средства од буџетот за општините Илинден, Петровец и Зелениково, владата на СДСМ и ДУИ, во која дел беше и ЛДП, не и прифатила ниту еден од амандманите.

Во текот на расправата, пратеникот Ријад Шаќири од коалицијата ВЛЕН, повлече седум свои амандмани. ир/дма/

 

Фото: МИА архива

Остани поврзан