• четврток, 26 декември 2024

Одбележување на Светскиот ден на дивиот свет во Јуроп хаус Скопје

Одбележување на Светскиот ден на дивиот свет во Јуроп хаус Скопје

Скопје, 3 март 2023 (МИА) - Евроамбасадорот Дејвид Гир и министерката за животна средина и просторно планирање Каја Шукова денеска во Јуроп хаус Скопје ќе го одбележат Светскиот ден на дивиот свет и 50-годишнината од Конвенцијата на Меѓународна трговија со загрозени видови на дива фауна и флора.

Светскиот ден на дивиот свет се одбележува секој 3 март за да ги слави сите диви животни и растенија во светот како признание за нивната различност, убавина и придонес за здравјето и благосостојбата. Датумот се совпаѓа со потпишувањето на Конвенцијата за меѓународна трговија со загрозени видови на дива фауна и флора (CITES). 

Во 2023 година се одбележуваат 50 години од потпишувањето на CITES, кој се спроведува преку системот за сертификација што го применуваат 184 договорни страни, вклучително и Северна Македонија. Сепак, на 25 отсто од европските животински видови им се заканува истребување, се наведува во соопштението на Јуроп хаус.

Амбасадорот Гир и министерката Шукова ќе се осврнат на поддршката што ја дава Европската Унија за почитувањето на дивиот свет и борбата против трговијата со загрозени видови.

Проектот финансиран од ЕУ „Подобрување на капацитетите за Натура 2000 и CITES“ става посебен фокус на подготвеноста на земјата и националните власти за спроведување на уредбите на ЕУ за трговија со диви животни. Системот CITES за сертификација и граничен мониторинг ќе биде дигитализиран за поефикасно препознавање и следење на видовите, што е особено важно за видовите кои се дел од специфични финални производи што се пласираат на пазарот. Ќе се усогласи законодавната рамка за CITES и за заштита на природата.

Трговијата со диви животни стана една од најпрофитабилните криминални активности во светот, со разорни ефекти за биолошката разновидност. Европа е и транзитна зона и извор на илегална трговија. CITES е совршена алатка за да се стави крај на овие закани за биолошката разновидност и да се обезбеди одржливост со природата, надвор од границите на секоја земја, се додава во соопштението од Јуроп хаус. нд/хс/

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан