• четврток, 26 декември 2024

Одбележување на Меѓународниот ден на руралните жени - 15 Октомври

Одбележување на Меѓународниот ден на руралните жени - 15 Октомври

Скопје, 15 октомври 2024 (МИА) - Во насока на зголемување на видливоста и препознавањето на клучната улога на жените од руралните средини во земјоделството и руралниот развој, Националната федерација на фармери по 17. пат организира настан за одбележување на Меѓународниот ден на руралната жена - 15 Октомври.

Оваа година, настанот ќе се одржи во битолското село Дихово, во чии рамки ќе се реализира трибина на тема „Родовата еднаквост на руралните жени: Подобрување на економскиот статус“. На трибината ќе се зборува за предизвиците и можностите за економското зајакнување на жените во руралните средини, информираат од Националната федерација на фармери.

Предвидено е да бидат доделени и признанија за успешни рурални жени и невладини организации, кои придонесуваат за подобрување на економската и социјалната положба на жените во руралните области. 

- На настанот, свое обраќање ќе имаат Васка Мојсовска, претседателка на Националната федерација на фармери, Гордана Сиљановска-Давкова, претседателка на Република Северна Македонија, Цветан Трипуновски, министер за земјоделство, шумарство и водостопанство, Микаел Атерхог, раководител за развојна соработка во Амбасадата на Шведска во Северна Македонија, Тони Коњановски, градоначалник на општина Битола, Сашо Ангеловски, регионален директор за регион Европа во Шведската организација за развој We Effect и Карин Рау, менаџер на проектот: Поддршка на диверзификацијата на економските антивности во руралните подрачја на Југоисточна Европа(SEDRA II). На панел-дискусијата ќе говорат Весна Бендевска, потпретседателка на Собранието на Република Северна Македонија, Жаклина Пешевска, претседателка на собраниската Комисија за еднакви можности на мажите и жените, Билјана Петровска - Митревска, проект менаџерка во Национална федерација на фармери, Фросина Ѓоргиевска, земјоделка и рурална жена од Преспа и Лилана Стоилковска, млада земјоделка и рурална жена од село Митрашинци, беровскиот регион, а воедно ќе биде презентиран и извештајот на Државниот завод за ревизија на Република Северна Македонија - „Родова еднаквост и зајакнување на жените од руралните средини преку нивна инклузија на пазарот на труд“, се појаснува во соопштението.

Настанот, организиран од Националната федерација на фармери со поддршка на Шведската организација за развој We Effect, има за цел да го обедини гласот на руралните жени и да ја подигне свеста за нивната клучна улога во локалните заедници и општеството.

- На настанот ќе учествуваат 200 учесници од различни институции, невладини и меѓународни организации, како и амбасади. Најбројни ќе бидат жените од руралните средини од Република Северна Македонија, на кои им изразуваме длабока почит и благодарност преку ова симболично одбележување. Имено, Меѓународниот ден на руралните жени беше назначен во 1995 година од страна на граѓанските организации на четвртата светска конференција за жените во Пекинг и беше прогласен за официјален ден во 2007 година од страна на Генералното собрание на ОН, се додава во соопштението на Националната федерација на фармери. бд/хс/

Фото: Национална федерација на фармери

Остани поврзан