Одбележан 3 март Денот на Општина Тетово
- Советот на Општина Тетово денеска ја одржа 47-тата седница која имаше свечен карактер со цел да се одбележи 3 Март Денот на Општина Тетово. По тој повод пригодно обраќање имаше градоначалникот на Тетово Биљал Касами.

Тетово, 3 март 2025 (МИА) – Советот на Општина Тетово денеска ја одржа 47. седница која имаше свечен карактер со цел да се одбележи 3 март Денот на Општина Тетово. По тој повод пригодно обраќање имаше градоначалникот на Тетово Биљал Касами.
Тој посочи дека 3 март за него е посебен ден и затоа со гордост го споделува тоа што е постигнато, како и визијата која ја има за Тетово како поподготвен, покоректен и побогат град.
Кога ја презедовме должноста да ја водиме оваа општина, знаевме дека пред нас се големи предизвици. Наследивме град кој беше оставен настрана, со ограничени можности за напредок и развој, град кој имаше итна потреба од нов живот, од нова енергија. Но, денес, Тетово се раѓа повторно. Тетово се раѓа повторно преку чесна работа, со несмален ангажман и со јасна визија за иднината. Тетово се раѓа повторно затоа што имаме храброст да се соочиме со минатото и решителност да изградиме посветла иднина за сите. Затоа што промената повеќе не е само можност – тоа е реалност, истакна Биљал Касами.
Во говорот понатаму Касами рече дека 2024 година било време на реализација на многу крупни проекти не само во инфраструктурата, туку и во образованието, културата и други сфери.
- Кога зборуваме за развој, мора да зборуваме за инфраструктурата. Нашите граѓани заслужуваат безбедни, функционални и модерни патишта. Веќе сме кажале и ќе продолжиме да кажуваме – ние не сме тука за празни ветувања. Ние сме тука за да преземеме конкретни чекори и да донесеме промени кои секој граѓанин на Тетово ќе ги види и ќе ги почувствува. Отворивме нова градинка „Рилиндја“, инвестиција која ниедна друга власт не ја реализирала
Потоа награди и признанија им се доделија на истакнати 100-тина поединци, клубови, организации и правни лица во знак на благодарност за постигнатите резултати во разни области од секојдневниот живот и дадениот особен придонес за афирмацијата на градот Тетово.
Свеченоста се одржа во Центарот за култура „Иљо Антески-Смок“, при што настапија и неколку музички групи, културно-уметнички друштва и хорски состав. ас/ев/
Фото: МИА