• петок, 27 декември 2024

Одбележан 20 Септември - Денот на Општина Ѓорче Петров

Одбележан 20 Септември - Денот на Општина Ѓорче Петров

Скопје, 20 септември 2024 

Со положување свежо цвеќе на споменикот на Ѓорче Петров во реонскиот парк и со свечена седница на Советот, општината го одбележа празникот на општината – 20 септември.

Бројни делегации положија цвеќе на споменикот на великанот Ѓорче Петров, а се одржа и свечена седница на Советот на која беа доделени годишната награда, признанија и благодарници за особен придонес. Добитник на Годишната награда на Општината е фудбалската репрезентативка Афродита Салихи.

Градоначалникот Стојкоски во своето обраќање истакна дека останува доследен на заложбата да го направиме Ѓорче Петров модерно и урбано јадро за живеење.

"Во периодот зад нас, успеавме да сработиме проекти со кои затворивме горливи проблеми. Како градоначалник на општината Ѓорче Петров не можам да го сокријам своето задоволство од постигнатото: Работиме на нова детска градинка во Стопански Двор, која се очекува да биде завршена во следните две години, и на уште една локација, односно во Дексион. Завршена е доградбата на ООУ „Димитар Поп Георгиев-Беровски“ во Хром со нови училници, а централното училиште речиси целосно го реконструиравме. ООУ „Тихомир Милошевски“ доби 6 нови училници и тоалети. Интервениравме во сите училишта, како и во училишните спортски сали, а следуваат уште инфраструктурни проекти кои значително ќе ги подобрат условите за настава. Проектот „Првиот центар за ресоцијализација на деца кои го победиле карциномот“ се реализира во Кучково.

Една од најзначајните инвестиции е изградбата на станицата за третман на отпадни води и фекален колектор во село Орман. Реконструиравме над стотина улици, поставивме нова фекална и атмосферска мрежа, ја отворивме новата општинска зграда, ја доградивме градинката „Детелинка“, Кучково доби нов систем за водоснабдување, а на ова место целосно партерно го уредивме и локалитетот „Крст“. Депонијата во Ново Село сега е мега-парк „Даме Груев“ со површина од 31.000 м².

Најавуваме изградба и реконструкција на сервисни и станбени улици, водоводни мрежи во руралните области, фекална канализација и нова пречистителна станица преку планот за развојни програми за 2024-2026 година, со вкупен буџет од 90 милиони денари" истакна градоначалникот Александар Стојкоски, на свечената седница по повод 20 септември.

Градоначалникот го најави и почетокот на изградбата на училишната спортска сала во ООУ „Димитар Беровски“, кој е долгогодишен проблем за реализирање на физичкото образование.

Претседателката Ленче Нелоска, која ја отвори Свечената седница на советот на општината Ѓорче Петров, се осврна на големиот број капитални проекти кои значајно ја подобрија инфраструктурата. Се заблагодари на членовите на советот за сите разумни одлуки и проектите кои беа на дневен ред на седниците.

Недела (22 септември) е затворањето на Деновите на општината Ѓорче Петров со голем семеен концерт под мотото „Музика и забава за сите“, каде ги покануваме сите граѓани пред платото кај Корзото со почеток од 11 часот, а ќе траат се до доцните вечерни часови.

Со почит,

Општина Ѓорче Петров

_______________________________________________

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки

фото: Општина Ѓорче Петров 

Остани поврзан