• сабота, 23 ноември 2024

Одбележан јубилејот 80 години слободна Струга

Одбележан јубилејот 80 години слободна Струга

Струга, 8 ноември 2024 (МИА) - Со положување цвеќе пред споменикот на Револуцијата во Струга и на бистите на паднатите борци на кејот на реката Црн Дрим, како и свечена седница на Советот на Општина Струга денеска беа одбележани 80 години од ослободувањето на градот.

Во рамките на јубилејот 80 години слободна Струга, пред спомен обележјата се поклонија делегација на Општина Струга, предводена од градоначалникот Рамиз Мерко, Сојузот на борците од Струга, претставници на политички партии, армијата, пензионери, граѓани...

Претседателот на Сојузот на борците на народноослободителната и антифашистичката војна на Македонија во Струга, Ајредин Мемеди, честитајќи им го Денот на ослободувањето на своите сограѓани, истакна дека им оставаат аманет на следните генерации да го чествуваат и почитуваат овој ден.

- Оставаме аманет на следните генерации да го чествуваат и почитуваат овој голем ден, зашто е во чест на сите кои ги положија животите за слободата на Струга. На борците од Втората светска војна, борците, кои ги дадоа своите животи за слободна, самостојна Македонија, кои се изборија за слободен град. Се поклонуваме и им одаваме почит за нивното херојство и жртва што ги дадоа за овој град. Им благодариме за идеите, за потребата да си свој на своето. Ветуваме дека, како генерација ќе се грижиме за почитта кон нив, да не бидат заборавени, рече Мемети во своето обраќање.

Според него, над 380 лица го дале својот живот за слободна Струга, во тешка и неизвесна борба со окупаторот.

- Борбите за слобода почнале на 19 октомври 1944 година во раните утрински часови, кога Струга била окупирана од Германските единици и нивните помагатели. Борците кои војувале да ја ослободат Струга, биле во многу тешка положба, во многу помал број споредбено со окупаторот, чии единици биле распоредени во охридско-струшкиот регион со најсовремено оружје и опрема. Во тешката и неизвесна борба со окупаторот загинале многу млади луѓе од Струга и струшко. Но, иако опкружени од сите страни, на страната на струшките борци бил идеалот Струга да биде слободна, истакна Мемеди.

Повозрасните стружани се присетуваат на кажувањата на нивните блиски за жарот и среќата која се расширила утрото на Митровден, 8 ноември кога градот бил ослободен од окупаторот.

Денес, Струга е модерен град. Град што блика со својата светлост и убавина, град на две води, на мостовите и поезијата, светска туристичка дестинација и пример за мултиетничка и мултикултурна толеранција. сс/сст/

Фото МИА

Остани поврзан