• сабота, 23 ноември 2024

Одбележан патронот на црквата „Успение на Пресвета Богородица“ во Дебар

Одбележан патронот на црквата „Успение на Пресвета Богородица“ во Дебар

Дебар, 28 август 2023 (МИА) – Малку по број, но верни на традицијата, дебрани го одбeлежаа патронот на црквата „Успение на Пресвета Богородица“, која се смета за заштитничка на градот.

Намесникот на дебарската парохија, Миле Ангеловски, одржа света Златоустова литургија, и посака Мајката божја да не чува сите од секакво зло.

- Ги сочувала девството и чистотата заради Бога и од Него добила неизмерна сила, па станала и била наречена Мајка на целото човештво, рече меѓу другото Ангеловски.

Среќен и вековит празник си посакаа и присутните.

-Денешниот ден за нас дебрани е голем ден. Нашиот храм е посветен на Успение на Пресвета Богородица. Многу сум среќна што го дочекав и овој празник. На сите верници им го честитам денешниот ден и посакувам во најдобро светло да ги дочекуваме сите наши празници, рече Јованка Василевска, која ја приближува осмата деценија од животот.

Таа, а и останатите со носталгија се сеќаваат на времињата кога црквата била преполна од верници, но велат „иако моментно во градот живеат не повеќе од 130 православни, колку и да се ќе продолжат со традициите“.

Свечена погача и пригодна закуска за присутните даде семејството на Миќо и Лилјана Блажевски.

Овој божји храм се наоѓа во населбата Варош, во горниот дел на градот, изградена е во 1840 година и е една од најубавите преродбенски цркви во нашата држава. Според формата таа претставува трикорабна базилика, насликана со ѕиден живопис и иконостас со прекрасни икони од 19 век.

Порано била главен соборен храм на Дебарското архијерејско намесништво и била седиште на Дебарската митрополија, која опфаќала простор сè до соседниот албански град Пешкопеја. Потврда за тоа е и фактот што и ден денес просторот до црквата дебрани го нарекуваат митрополија.

Неодамна, благодарение на заложбите на владиката Партениј и Бигорската свештена Обител, врз храмот беа изведени обемни конзерваторски и реставраторски работи, со што беше заштитен неговиот покрив од прокиснување, а беа санирани некои оштетувања во внатрешноста.

Големиот празник со масовно присуство и дебарските зурли и тапани одбележан беше и во селата Гари и Долно Мелничани. вт/вј/

Фото: МИА

 

Остани поврзан