• среда, 13 ноември 2024

Одбележан патронот на манастирот „Свети Георгиј Победоносец“ во Рајчица

Одбележан патронот на манастирот „Свети Георгиј Победоносец“ во Рајчица
Дебар, 6 мај 2022 (МИА) - По две години со ограничено присуство, поради антиковид мерките, патронот на манастирот „Свети Георгиј Победоносец“ во дебарското село Рајчица, беше одбележан со големо присуство на верници од повеќе градови од државава, некогашни жители на селото и нивни потомци. Славењето на споменот на славниот патрон и небесен застапник, светиот великомаченик Георгиј Победоносец, во неговиот свет манастир во Рајчица, почна синоќа кога беше отслужена празнична вечерна богослужба, на која молитвено претстоеше неговото преосвештенство, епископ Антаниски г. Партениј. -Денешниот велик славеник бил блескав сведок за Христовото Воскресение во своето време, а таков останува и до денес, иако од неговото маченичко страдање за Христа изминале околу илјада и седумстотини години. Впрочем, споменот за овој воин Христов нема никогаш да згасне и ќе остане светол и силен во паметта на луѓето, затоа што тој е вечно жив во Господа. И ќе биде така до крајот на светот. А еден ден, по милоста Божја, ќе го видиме и неговиот светол лик во неискажлива слава во Христа, рече во синоќешното слово г. Партениј. Денеска беше отслужена утрена богослужба, а потоа и божествената архијерејска литургија на која чиноначалствуваше г. Партениј, заедно со Анхимандрит Доситеј, во сослужение со Бигорското братство и сестринството од манастирот во Рајчица. -И Свети Георгиј Победоносец го победи светот преку Христа и затоа остана светол на небесата. И ние треба да бидеме такви. Не знаеме колку ќе живееме во овој живот. Затоа да станеме цврсти како дијамант како што се нарекува Свети Георгиј во богослужбата: „разумен дијамант“. Знаете, дијамантот е најтврдиот минерал во природата. Свети Георгиј, значи, се покажа тврд во верата како дијамант. Да се покажеме и ние така тврди во верата, во љубовта, во послушанието, да станеме и ние духовни дијаманти, нека Свети Георгиј нè закрилува и вдахновува, порача меѓу другото во своето слово владиката Партениј. Манастирот „Св. Георгиј Победоносец“, е женски манастир. Се претпоставува дека е основан во почетокот на XIV век, како метох на Бигорскиот манастир. Сепак точната година на изградба на манастирскиот конак е 1835 година во времето кога игумен на Бигорскиот манастир бил архимандритот Арсениј од Галичник. Црквата била зографисана и живописана во периодот од 1840 до 1852 година, од зографот Михаил и монахот Данил од Бигорскиот манастир, додека долниот дел го досликал нивниот ученик Дичо Зограф од Тресонче. Се до 1945 година во манастирот опстојувало братство кое било забрането од комунистичката власт. Од 1999 година благодарејќи на иницијативата на г. Партениј, тогаш игумен на Бигорскиот манастир со братството, манастирот беше возобновен, а воедно беше возобновено и женското монашко сестринство. Од 2003 година Раичката обител се удостои да стане Кивот во кој се чуваат светите, благоухани и исцелителни мошти на Великомаченикот Георгиј, кои се тука благодарение на отец Партениј. Уште истата година во Солун е изработено сребрено ковчеже во вид на рака во кое моштите се изложуваат за поклонение. За раката е специјално изработена и дополнителна украсна кутија во вид на црквиче, кое го бакнува и мало и старо и му се поклонува. „Свети Георгиј Победоносец“ е еден од најубавите македонски манастири, зашто ако има место каде што природата ги дарувала сите убавини, тоа, секако е селото Рајчица, што потсетува на рај, каде се извишува манастирот. Чистиот воздух и погледот врз ширта на Дебарско Езеро само ја надополнуваат убавата глетка на уште поубавиот манастир. вт/вј/

Остани поврзан