• четврток, 19 декември 2024

Одбележан денот на Југоисточниот плански регион

Одбележан денот на Југоисточниот плански регион

Струмица, 3 декември 2024 (МИА) - Со три панел дискусии и презентација на комуникациска стратегија денеска во Струмица беше одбележан денот на Југоисточниот плански регион, кој годинава бележи 16 години од постоењето.

Во дискусијата беше истакнато дека постоењето на Центарот за развој на овој региион ги оправдал очекувањата, а доказ за тоа се многуте реализирани проекти од најразлични области со кои директно се подобрува квалитетот на живеењето на граѓаните.

-Наша оценка е дека се надминати очекувањата и во иднина ќе направиме уште повеќе напори да покажаме што подобри резултати. На денот на Регионот избравме да презентираме едно видео за целиот регион, да ги нагласиме убавините и предностите кои ги има Југоисточниот регион и во иднина ова видео да ни служи како реклама за Регионот, рече директорот на Центарот за развој на Југоисточниот плански регион, Ѓоко Камчев.

Во наредниот период пред Центарот има многу предизвици и според Камчев, ако минатата година била реализација на проекти, оваа е за аплицирање и подготовка на што е можно повеќе апликации со кои се конкурира за добивање средства.

-Мора да се фокусираме на повеќе области за да го подигнеме квалитетот на живеење во целиот регион. Се фокусиравме на здравството, на животната средина, на туризмот и тие се нашите предизвици со кои сметам дека значително ќе го подобриме севкупното живеење и како регион да понудиме подобрување на условите на живот на сите граѓани. Имаме за цел коридорите кои поминуваат до трите гранични премини да ги поврземе, односно на секои 25 километри во регионот да поставиме брзи полначи за електрични возила со што би ги направиле сите патишта кои водат до премините да бидат поатрактивни за патување на туристите кои транзитираат кон Бугарија и Грција, смета Камчев.

Според Ѓорѓе Божинов, претседател на Советот на Југоисточниот регион и градоначалник на Ново Село, особено е важно да се инвестира во помалите и руралните општини.

-Досега се работеше на еден начин за рурален развој, но тоа беше недоволно, односно сакам да кажам дека сега во Владата имаме партнер кој ги разбира општините и локалните самоуправи, односно колко е важно дека ние како градоначалници сме и првиот филтер меѓу граѓаните и државната власт и директно се соочуваме со сите проблеми, рече Божинов.

На трите панели се дискутираше за општините и регионалниот развој на Југоисточниот регион, циркуларна економија и зелени практики во Југоисточниот плански регион и потенција на туризмот и промоција на културното наследство на регионот.

Инаку, според статистичките податоци овој регион е втор по развиеност во нашата држава, а според можностите е уникатна колекција на посебности кој на својата територија има многу туристички локалитети, вклучувајќи го и Дојранското Езеро. Затоа, токму и туризмот беше препознаен како една од водечките стопански гранки во Југоистокот и се реализирани околу 30 проекти со што регионот е ставен на мапата на привлечни дестинации за туристите. Реализирани се и многу проекти со акцент на инфраструктурата, заштитата на животната средина и противпожарната заштита.

Југоисточниот плански регион ги опфаќа општините Струмица, Радовиш, Конче, Василево, Босилово, Ново Село, Валандово, Дојран, Гевгелија и Богданци.рт/сст/

Фото: МИА

 

 

Остани поврзан