• среда, 25 декември 2024

Одбележан Денот за подигање на свеста за церебралната парализа

Одбележан Денот за подигање на свеста за церебралната парализа
Скопје, 25 март 2021 (МИА) - Движењето на родители на деца и лица со телесна попреченост НВО „Пркос“ денеска под мотото „Сакам можам - ајде заедно“ организираше онлајн-средба по повод Денот за подигање на свеста за церебрална парализа 25 Март. Заменик-министерот за труд и социјална политика Енвер Хусејин на средбата истакна дека Министерството и во услови на пандемија посебен фокус стави на заштита на децата и лицата со попреченост. Како што соопшти МТСП, Хусејин посочи дека Министерството во рамки на социјалната реформа обезбедува поддршка за децата и семејствата кои имаат потреба од нивно вклучување во активности надвор од домот, како што се дневните центри, со што се овозможува нивна поголема вклученост во заедницата. - Се намалува старосната граница од 18 на 6-годишна возраст на децата со попреченост за користење на услугата личен асистент која наскоро ќе биде достапна за сите оние на коишто им е потребна, рече Хусејин. Тој истакна дека со новиот Закон за социјална заштита се воведоа нови права коишто не биле предвидени, како што е правото на паричен надоместок за попреченост, што порано е користено само од лицата со најтешка телесна и сетилна попреченост, а сега е проширено и на лицата со тешка или длабока интелектуална попреченост. Потоа, услугите за лична асистенција и услугата за помош и нега во домот, услугата за одмена на семејна грижа, рехабилитација и реинтеграција на лица кои се соочуваат со социјални и/или здравствени проблеми, психосоцијална поддршка, терапевтска работа, работно-окупациона терапија, поддршка за стекнување работни вештини и вештини за вработување, реинтеграција и самостојно живеење. - Министерството за труд останува посветено на спроведување на деинституционализацијата и децентрализацијата преку соработка со партнери како Делегацијата на ЕУ во Скопје и Светска банка, се со цел да се воспостават социјални услуги во заедницата базирани на потребите на лицата со попреченост, истакна Хусејин. Како што наведува МТСП во соопштението, заменик-министерот потсети и дека преку проектот за подобрување на социјалните услуги, кој Министерството го работи заедно со Светска банка, во текот на 2020 година беше објавен повик на кој 24 општини ги исполнија условите и почнаа со развивање услуги на помош и нега за стари лица во домот, помош за лица со попреченост, отворање дневни центри за стари лица и за лица со попреченост, како и поддржано живеење. Министерството за труд и социјална политика информира дека продолжува да соработува и да дава поддршка со сите чинители во општеството со цел обезбедување подобри услови и можности за лицата со попреченост, како составен дел од заедницата и од општеството. хс/скс/        

Остани поврзан