• четврток, 26 декември 2024

Одбележани 22 години постоење на Универзитетот на Југоисточна Европа

Одбележани 22 години постоење на Универзитетот на Југоисточна Европа

Тетово, 17 ноември 2023 (МИА) - Универзитетот на Југоисточна Европа денеска одбележа 22 години од основањето. Дел од свеченоста беше промовирање на новите доктори на науки од генерацијата 2022-2023 година, на кои им беа доделени дипломите. Одборот на Универзитетот симболично додели персонализирани сребрени медали и признанија на вработените кои полнат 20 години работно искуство.

Ректорот на УЈИЕ Абдулменаф Беџети со порака дека установата ќе го продолжи патот на стандарди за обезбедување квалитет, пазарна флексибилност, мултикултурни вредности, постојана интернационализација и дигитализација, меѓууниверзитетска соработка.

- Зголемен е квалитетот на студентите, покрај бројот на пријавени, поради зголемениот фонд на универзитетски стипендии, правичната и ефикасна распределба на ресурсите, зголемувањето на научните и на апликативните проекти, континуираното зголемување на финансиската поддршка од државниот буџет, зголемување на комерцијалните активности и со Технолошкиот парк во рамките на деловниот субјект Бизнис-иновациски центар. Сите значително влијаеја врз зголемувањето на капацитетот и на финансиската стабилност на Универзитетот, истакна Беџети во своето излагање.

Првиот вицепремиер Артан Груби рече дека формирањето на Универзитетот на Југоисточна Европа е важен датум за високото образование на албански јазик.

- Со него беше скршена политичката и психолошката бариера кон оние кои го негираа нашето природно право. Поради недостаток на визија и разбирање, Албанците мораа да водат бројни политички битки за да се стекнат со правото на високо образование и, за среќа, ние сме тука каде што сме денес, со уставно загарантирано право, со непоколеблива евроамериканска ориентација, истакна Груби.

За годишнината зборуваше и претседателот на Одборот ан УЈИЕ, проф.д-р Клаус Тотерман, кој посочи дека бројот 22 означува прецизност и рамнотежа.

- Во својот полн капацитет, овој број е градител, што значи дека дава моќ да се постигнат речиси невозможни работи. И уште еднаш ja има оваа прекрасна референца за мисијата на УЈИЕ: Оживеј го знаењето. Сите вработени и студенти на УЈИЕ можат да бидат горди што работат на универзитет кој ги поддржува на многу начини за да ги постигнат своите цели, рече Тотерман.

Дел од настанот беше музичкиот настап на сопранистката Бесарта Муртезани и пијанистот Шкелзен Бафтијари. ас/хс/

Фото: УЈИЕ 

Остани поврзан