• сабота, 23 ноември 2024

Одбележани годишнини од раѓањето на Гане Тодоровски и Петре М. Андреевски

Одбележани годишнини од раѓањето на Гане Тодоровски и Петре М. Андреевски

Скопје, 5 јуни 2024 (МИА) - Институтот за македонска литература денеска со свечен собир одбележа годишнини од раѓањето на писателите Гане Тодоровски (95 години) и Петре М. Андреевски (90 години).

Директорката на Институтот, Наташа Аврамовска, го нарече национален бард проф. Тодоровски, кој е еден од основачите на оваа институција.

Нагласи дека особено ги задолжува „со неговата визија за потребата од научно проследување на сите области на развитокот на македонската литература“.

-Со неговиот научен ангажман во проследувањето на претходниците на македонската книжевна и книжевно-научна мисла, со космополитизмот на неговата препејувачка дејност, а особено нѐ задолжува неговата лирика..., истакна Аврамовска.

За книжевната оставнина на Петре М. Андревски, пак, рече дека „нѐ задолжува подеднакво како заедница“.

-Неговата поема „Дениција“ химнично не возвисува во исказот на љубовта и љубовноста. Неговата проза, од друга страна, во неговиот подвиг на повратокот, беспоштедно нѐ соочува со демоните на нашето историско траење и во соочувањето со нив ни ја нуди можноста за себеосозновање и излез од лавиринтот на повторливоста..., истакна Аврамовска.

Валентина Миронска-Христовска се осврна на творештвото на Тодоровски со кое, рече, ја задолжил и македонската литература, и македонската наука, и македонската култура воопшто. Тодоровски бил нејзин ментор и, како што рече, имал две татковини – литературата и Македонија. 

Соња Елзесер во омажот за Тодоровски ја потенцираше неговата вештина во препевите од други јазици на македонски, да воведува нови зборови, т.е. да ги „помакедончува“ и да создава  „македонски верзии на бисерите на светската поезија“. хс/нд/

Фото: МИА 

 

 

 

 

 

Остани поврзан