• сабота, 23 ноември 2024

Одбележана 80-годишнината од падот на американскиот бомбардер во близина на Вратница

Одбележана 80-годишнината од падот на американскиот бомбардер во близина на Вратница

Тетово, 26 август 2024 (МИА) - Во Вратница денеска е одбележана 80-годишнината од падот на американскиот бомбардер во близина на селото и загинувањето на шестмината од деветчлениот екипаж. По овој повод, на спомен-обележјето поставено во кругот на селските гробишта во Вратница, од страна на заменичката на амбасадорката на САД во земјава Никол Варнс, од началникот на Генералштабот на АРМ Сашко Лафчиски и претставници од Организацијата на резервните воени старешини и други организации беше положено цвеќе. 

- Овие луѓе во тоа време покажаа храброст да ги извлечат преживеаните од урнатините и чесно да ги закопаат оние што загинаа. Разбирам дека има потомци на овие храбри поединци и тие се доказ за длабоките врски меѓу американскиот народ и народот на Северна Македонија, кои се вкоренети во посветеноста на слободата на правдата и на мирот. Сакам да и се заблагодарам на Организацијата на резервни воени старешини на Република Северна Македонија за водењето на овој настан и за помошта  да се одржат живи спомените. Ми беше чест и задоволство да бидам тука со вас во ова прекрасно село каде има многу пријатели на САД, изјави Варнс, која дел од говорот го одржа на македонски јазик.

Од страна на организаторот на ова одбележување, Организацијата на резервни воени старешини, беше посочено дека денешново одбележување на овој настан засекогаш го поврза македонскиот и американскиот народ.

- Акцијата за спасување на пилотите од страна на населението на Вратница е еден редок и скапоцен настан од македонската историја. Сеќавањето и чествувањето на настанот на шестмината загинати од екипажот на бомбардерот, веќе е прифатен како еден од најсимболичните моменти од нашата заедничка соработка со Соединетите Американски Држави. Ова е само уште еден показател дека пријателството помеѓу македонскиот и американскиот народ трае долго и е одамнина, посочи Гоце Георгиев, претседател на Организацијата на резервни воени старешини.

Пред 80 години, на 26 август 1944 година, американскиот бомбардер Б-24, именуван од екипажот под името „Наша љубов“, додека се враќа од мисија над Романија во својата база во Италија бил погоден од непријателски оган и тешко оштетен се урнал кај местото викано „Слбица“ над Вратница. Жителите на Вратница кога виделе дека паднал авионот веднаш се упатиле во планината. Ги пронашле остатоците од авионот и тројца преживеани од екипажот, додека останатите шестмина биле веќе не биле живи.  Тројцата преживеани веднаш биле заробени од окупаторската бугарска полиција и однесени во Софија, каде останале се до завршувањето на војната по што биле ослободени од затвор и се вратиле во САД. Телата на шестмина од екипажот на бомбардерот кој не преживеале биле донесени во селото и закопани на селските гробишта во Вратница, каде сега се наоѓа спомен плоча со нивните имиња. По завршувањето на Втората светска војна, од претставниците од Американската амбасада во Белград е организирана ексхумација на останките на загинатиот екипаж и тие се пренесени и погребани во своите родни места во САД.

Во рамки на одбележувањето на 80-годишнината од овој настан од страна на Организацијата на воени старешини на заменичката амбасадорка на САД, на началникот на Генерал штабот на АРМ и на други личности им беа доделени спомен-значки.

Во зградата на поранешната Општина Вратница беше одредена една просторија во која се предвидува да се направи спомен-соба посветена на загинатите пилоти од американскиот бомбардер. ас/мд/

 

 

Остани поврзан