• среда, 13 ноември 2024

Одадена почит на единаесетте загинати армиски припадници во хеликоптерската несреќа кај Блаце

Одадена почит на единаесетте загинати армиски припадници во хеликоптерската несреќа кај Блаце

Скопје, 12 јануари 2024 (МИА) - Со полагање цвеќе на местото на хеликоптерската несреќа кај катлановско Блаце, во касарната „Страшо Пинџур“ во Петровец и во кампот „Бутмир“ во Сараево, денеска се одаде почит на единаесетте армиски припадници од составот на воздухопловниот Винг, кои пред шеснаесет години трагично ги загубија своите животи, соопшти Канцеларијата за односи со јавноста на Генералштабот на Армијата.

- На спомен обележјето, во помен на загинатите припадници, венци положија делегации од Генералштабот и Министерството за одбрана, Командата за операции, воздухопловниот Винг, првата пешадиска бригада, членовите на семејствата на загинатите и претставници на општината Петровец. Почит на загинатите е одадена и пред спомен обележјето пред командата на воздухопловниот Винг во касарната „Страшо Пинџур“ во Петровец, како и во кампот „Бутмир“ во Сараево, Босна и Херцеговина, се наведува во соопштението.

Армискиот хеликоптер Ми-17 се урна на 12 јануари 2008 година кај катлановско Блаце, враќајќи ги од мисијата „АЛТЕА“, потполковник Тони Спасовски, мајор Горан Ристовски, капетаните Бране Спасовски и Игор Ѓорески, наредниците Славчо Василев и Тони Давитковски, постарите водници Јанко Шириќ, Александар Тасковски, водниците Мики Ивановски и Александар Васиќ и десетарот Златко Вељановски. бд/дма/

Фото:Канцеларијата за односи со јавноста на Генералштабот на Армијата 

Остани поврзан