• сабота, 27 јули 2024

Огромен интерес на прилепчани за вакцинација против сезонски грип, од понеделник двојно повеќе пунктови

Огромен интерес на прилепчани за вакцинација против сезонски грип, од понеделник двојно повеќе пунктови

Прилеп, 14 ноември 2023 (МИА) - Огромен е интересот на прилепчани да се вакцинираат против сезонскиот грип. За три недели се вакцинирале 1540 граѓани. Поради големиот интерес и двојно повеќе термини, во прилепскиот Центар за јавно здравје од понеделник наместо два, ќе има четири пункта за дневно да се вакцинираат 240 граѓани. Има доволно бесплатни и комерцијални вакцини.

- До овој момент Центарот за јавно здравје има вакцинирано 1540 пациенти, интересот е огромен. Зголемениот интерес значи дека се зголеми свеста кај граѓаните за да се грижат за сопственото здравје, зашто вакцинацијата се покажа како најдобра превентивна мерка против сезонскиот грип и за заштита од различни компликации од болеста, а се намалува болничкото лекување. Од понеделник ќе работат четири пункта за вакцинација. На секој пункт ќе се вакцинираат по 60 пациенти, па дневно вакцината ќе може да ја примат 240 граѓани. Министерството за здравство оваа година обезбеди 60 000 бесплатни вакцини за оние критични категории граѓани со хронични заболувања и над 65 години старост. Има и уште 15 000 вакцини кои се донации и сите заинтересирани електронски може да се пријават за термин за вакцинација. Во земјава има и 4500 комерцијални вакцини со цена од по 700 денари, рече Драгица Николоска, директорка на Центарот за јавно здравје во Прилеп.

Епидемиолошката слика во Прилеп се смета за стабилна, вообичаена за овој период на вирози, но нема зголемен број пациенти. Го има и корона вирусот, но нема коморбидитети и компликации. Тестирањата се четирипати намалено во споредба со минатиот месец.

-Ако направиме споредба со октомври и првите две недели од почетокот на ноември, се забележува опаѓање на бројот на заинтересираните за тестирање за ковид. Ако во октомври се направија 234 теста, имаше 58 позитивни на корона вирусот, овие две недели од ноември се направени само 66 теста, од кои 12 се позитивни. Можеби ковидот е измешан со вирозните заболувања актуелни овој период и, за среќа, тоа покажува дека завршуваат без компликации и граѓаните, најчесто го поминуваат во домашни услови, изјави Николоска.

Оваа година и бесплатните и комерцијалните вакцини се од холандската фирма „Абот“. Тоа се четиривалентни вакцини кои содржат два типа од вирусот од групата А и два типа од вирусот од групата Б, според препораките од Светската здравствена организација и ЕУ, зашто доминираат овие два типа на вируси од претходната година. ем/цр

Фото:МИА

Остани поврзан