• вторник, 26 ноември 2024

Огнот на надежта од Атина тргна за Специјалната Олимпијада во Берлин (Фото)

Огнот на надежта од Атина тргна за Специјалната Олимпијада во Берлин (Фото)

Атина, 7 јуни 2023 (МИА) - Од зраците на сонцето, исто како и олимпискиот оган во античка Олимпија, така и Огнот на надежта за Специјалната Олимпијада, беше запален во Грција и го започна патот до Берлин, каде што од 17 до 25 јуни ќе се одржат Светските игри на кои ќе учествуваат атлети и од Северна Македонија, јави дописничката на МИА од Атина.

Олимпискиот оган, односно „Огнот на надежта“ беше запален на свечена церемонија во салата Запио во Атина во присуство на грчката претседателка Катерина Сакеларопулу, како и на министерот за култура и спорт на Грција, претседателот на Special Olympics Европа, претседателот на Special Olympics Грција, извршниот директор на организацискиот комитет на Светските игри Берлин 2023, кои ги поздравија присутните и ја истакнаа важност на Специјалната Олимпијада. 

По палењето кое беше успешно уште при првиот обид,  Огнот на надежта од Запио замина за крајната дестинација во Атина, грчко-германското училиште во северниот дел на градот.  

Штафетното предавање го започнаа атлети од Специјалната Олимпијада од Грција и Германија, а го продолжија грчки атлети, но грчки полицајци, како и ученици. 

Огнот на надежта помина низ улиците во Атина, застана, меѓу другото и пред грчкиот Парламент, пред  Претседателската палата, пред Античкиот олимписки стадион, како и пред Грчкиот Олимписки комитет. 

Олимпискиот оган утре, авионски од Атина ќе пристигне во Берлин, градот домаќин на 16-тa Специјалната олимпијада што започнува за десет дена. 

Специјалната Олимпијада претставува единствен спортски настан на кој спортисти со интелектуална попреченост од целиот свет ги надминуваат предрасудите со силата на спортот. 

Светските игри на Специјалната Олимпијада Берлин 2023 се под мотото „Непобедливи заедно“, за првпат се одржуваат во Германија, ќе учествуваат 190 делегации, 7.000 атлети со интелектуална попреченост, кои ќе се натпреваруваат во 24 спорта, ќе ги придружуваат 2.500 тренери, а меѓу учесниците се и репрезентативци од нашата земја.

Од Специјалната Олимпијада Северна Македонија, преку официјалниот Фејсбук профил ги претставија нашите атлети, за кои истакнаа дека неуморно се подготвуваат за претстојните Светски Специјални Олимписки игри и се подготвени да донесат медали.

-Се подготвуваме за да освоиме медали, но и да ги освоиме срцата на сите поттикнувајќи ширење на свеста за поинклузивно општество. Заедно, да ги прославиме уникатните способности и достигнувања на нашите исклучителни атлети, напишаа од Специјалната Олимпијада Северна Македонија.

На Летните олимписки игри на Специјална олимпијада во Абу Даби во 2019 година, нашите атлети освоија три златни медали во пливање, еден на 25 и два на 50 метри, еден сребрен медал на 50 метри атлетика и три бронзени медали во атлетика на 25, 50 и 100 метри. ср/ 

Фото: МИА

Остани поврзан