• среда, 20 ноември 2024

Огласи за вработување над 520 образовни асистенти за работа со ученици со попречености

Огласи за вработување над 520 образовни асистенти за работа со ученици со попречености
Скопје, 10 август 2022 (МИА) - Министерството за образование и наука објави огласи за вработување образовни асистенти на определено време за три основни училишта со ресурсни центри, кои во учебната 2022/2023 година ќе работат со ученици со попречености во редовна настава во повеќе општини. Двесте асистенти во огласот за ОУРЦ „Златан Сремец“-Скопје ќе бидат ангажирани во основни училишта во општините: Јегуновце, Тетово, Теарце, Желино, Боговиње, Брвеница, Врапчиште, Гостивар, Маврово и Ростуше, Карпош, Кисела Вода, Аеродром, Ѓорче Петров, Сарај, Сопиште и Студеничани. Од нив, за македонски јазик се предвидени 110 за одделенска и 30 за предметна настава. На албански наставен јазик отворени се работни места за 45 образовни асистенти во одделенска настава и 15 во предметна. Во огласот за ОУРЦ „Иднина“-Скопје е предвидено вработување на 226 образовни асистенти кои ќе им помагаат на ученици со попречености во основните училишта во општините: Кратово, Крива Паланка, Ранковце, Старо Нагоричане, Куманово, Липково, Центар, Гази Баба, Бутел, Чаир, Шуто Оризари, Зелениково, Петровец, Илинден, Арачиново и Чучер Сандево. На македонски наставен јазик може да се вработат 95 во одделенска, 16 во предметна настава и пет образовни асистенти во комбинирана паралелка, а на албански наставен јазик – 85 во одделенска, 20 во предметна и пет во комбинирана паралелка. Огласот на основното училиште со ресурсен центар „Маца Ѓоргиева-Овчарова“-Велес овозможува вработување на 95 образовни асистенти кои ќе работат со ученици со атипичен развој во основните училишта во Велес, Чашка, Кавадарци, Росоман, Демир Капија, Неготино, Градско, Лозово, Свети Николе, Штип, Пробиштип и Карбинци. Во огласите што денеска ги објави МОН се наведени условите за вработување со потребните работни компетенции на кандидатите, распоредот на работното време на образовните асистенти и  документите и рокот за аплицирање. Минатата учебна година првпат од буџетот на Министерството за образование и наука беа ангажирани 500 образовни асистенти за работа со ученици со атипичен развој вклучени во редовната настава. хс/сп/

Остани поврзан