• вторник, 12 ноември 2024

Објавен јавен повик за прибирање идејни решенија за уредување на плажите на Охридското Езеро

Објавен јавен повик за прибирање идејни решенија за уредување на плажите на Охридското Езеро
Скопје, 30 август 2021 (МИА) - Градоначалникот на Охрид, Констанин Георгиески на  прес-конференција соопшти дека денеска е објавен јавен повик за прибирање идејни решенија за уредување на плажите на Охридското Езеро. Можат да учествуваат сите физички и правни лица, регистрирани за вршење на дејност поврзана со предметот на повикот. -Целта на повикот е вклучување на стручната јавност и граѓаните во процесот на утврдување на активностите и дејствијата за уредување на плажите на крајбрежјето согласно препораките и насоките од Планот за управување со светското природно и културно наследство, препораките на УНЕСКО како и постојните законски прописи, рече Георгиески. Конкурсот е анонимен и секој учесник има право да учествува со еден труд, а крајниот рок за поднесување на идејните решенија е 29 септември 2021 година, до 13:00 часот. Доставените решенија, како што рече, ќе бидат доставени на увид пред јавноста и соодветната стручна комисија со цел избор на најсоодветно решение. Идејните решенија за уредување на плажите треба да бидат изготвени согласно проектната задача и постојните прописи. - Уредувањето на плажите на Охридското Езеро ќе се врши согласно препораките и насоките од Планот за управување со светското природно и културно наследство на Охридскот регион, како и останатата законска регулатива со која се регулирани. Плажите согласно планот, се дефинирани во прва В зона, од првата заштитна зона, која го опфаќа Охридското Езеро и неговиот крајбрежен појас во хоризонтална проекција со ширина од 50 метри сметано од граница на КП 1/1 КО Охридско Езеро, рече Георгиески. Тој информира дека во уредувањето треба да се применат автохтони материјали, како што се дрво, камен, стакло, а се забранува употреба на: метал, лим, бетон, бекатон, армирано-бетонски и челични конструкции и ѕидови од камен. Во рамки на повикот, кој веќе е објавен на Општинската веб-страница, детално се предвидени сите општи услови за уредување и изгледот на отворениот простор и инфраструктурата. Градоначалникот на Охрид ги повика сите архитекти и стручни лица од оваа област да покажат интерес и да се вклучат во мисијата за креирање нова слика на крајбрежјето. мд/ац/

Остани поврзан