• сабота, 28 декември 2024

Објавен тендер за реконструкција на фасадата на кумановското средно училиште „Наце Буѓони“

Објавен тендер за реконструкција на фасадата на кумановското средно училиште „Наце Буѓони“
Куманово, 23 март 2021 (МИА) - Средното стручно училиште „Наце Буѓони“ од Куманово ќе добие енергетски ефикасна фасада, соопштија денеска надлежните од училиштето. Тендерот за реконструкција на фасадата, општина Куманово веќе го објави со проценета вредност од 132.000 евра со вклучен ДДВ. Согласно објавата, заинтересираните оператори треба да достават соодветна документација, сертификати, потврда за безбедност, гаранција. Отворањето на понудите е закажано за 31 март годинава.
-Ние ќе бидеме едно од ретките училишта во градот кое ќе добие енергетски ефикасна фасада. Проектот беше изработен, помина ревизијата, добивме дозвола за градба, распишан е тендер. Со завршување на фасадата очекуваме значително да се подобрат условите за изведување на наставата и заштеда на енерија, изјави директорот на училиштето, Драган Јаневски.
Кон крајот на минатата година, средното стручно училиште „Наце Буѓони“ од Куманово набави училишен мебел за кабинетска настава по повеќе од триесет години, за што одвои над 500.000 денари. Мебелот беше распределен по училници и кабинети и во централната зграда и зградата каде настава следат ученици на албански наставен јазик.
Во училиштето неодамна заврши партерното уредување околу училишната зграда, заменета е и надворешната столарија, прозорци, поставена беше и инсталација за греење во работилницата. За партерното уредување беа одвоени 3,3 милиони денари, додека за централно греење и фасадна столарија од општинскиот буџет беа одвоени по 2, 2 милиони денари.
Лани со средства од МОН беше изградена спортска сала. Во зградата на поранешен „ЗИК“ беа реновинирани кабинети каде настава следат ученици од машинска струка на албански наставен јазик, а во тек е подготвка на тендер за реконструкција на уште еден кабинет и уредување на пристапниот пат до училиштето. Овие зафати ќе се спроведат со средства од училиштето.
Ова училиште продуцира кадри за потребите на реалниот сектор, а настава следат околу 2.000 ученици на македонски и на албански наставен јазик. ам/мд/

Остани поврзан