• недела, 24 ноември 2024

Објавен проспектот за првата емисија на зелени обврзници, аукцијата на 3 октомври

Објавен проспектот за првата емисија на зелени обврзници, аукцијата на 3 октомври

Скопје, 27 септември 2023 (МИА)  – Министерството за финансии денеска го објави Проспeктот за првата емисија на зелени обврзници, нов инструмент на домашниот пазар на капитал. 

Првата емисија на зелената обврзница е во износ од 10 милиони евра, а аукцијата ќе се одржи на 3 октомври годинава. Граѓаните и правните лица кои се заинтересирани да учествуваат на аукцијата може да поднесат барање за учество преку банките. Зелената обврзница нуди каматна стапка од 4,75 проценти годишно. Обврзници од оваа емисија се со рок на доспевање од две години, односно ќе доспеат на 5 октомври 2025 година. Каматата ќе биде исплатена на 5 октомври 2024 година за првата година и на 5 октомври 2025 година за втората година, заедно со главницата. 

Зелените обврзници се хартии од вредност кои ќе се користат за инвестициски проекти за зелен развој. Наменети за поттикнување и поддршка на проекти за унапредување и заштита на животната средина и финансирање еколошки проекти. 

Министерството за финансии соопшти дека целта на воведување на овој инструмент е развивање на пазарот на капитал во земјата, како и инвестициската активност која ќе придонесе за забрзување на економскиот раст.

-Целта на зелената обврзница, како и на другите инструменти предвидени со Планот за забрзан економски раст, а кој се базира на принципот на Јункеровиот план, е покрај јавниот да се мобилизира и приватниот капитал, и тој да се стави во функција на економскиот раст. Тие се еден од предвидените нови механизми, инструменти, фонодви и извори на финансирање, а со цел да се создаде  мултипликативен ефект и да се мобилизираат неколкукратно повеќе средства и инвестиции од приватниот сектор, покрај јавниот сектор, вели министерот за финансии Фатмир Бесими во пишана изјава.

Тој оценува дека нвестицијата во овој нов инструмент е инвестиција во развојот и поддршка на зелените инвестиции планирани со буџетот.

-Со инвестирање, односно купување зелена обврзница, се поддржува директно развојната компонента во Буџетот, односно зелени инвестиции, насочени кон заштита на животната средина. Во Буџетот оваа година е планиран историски највисок износ на капитални расходи и е согласно златното правило во јавните финансии, односно нивниот износ е повисок од буџетскиот дефицит. Тоа значи дека сите средства обезбедени меѓу другото и преку овој инструмент ќе бидат насочени за капитални проекти со карактеристика на зелена инвестиција, посочува Бесими.

Средствата од оваа аукција ќе бидат насочени кон воспоставениот Фонд за енергетска ефикасност во рамки на Развојната банка, од каде на компаниите ќе им се нудат поволни средства за реализација на проекти кои значат заштита на животната средина.

Од Министерството за финансии истакнуваат дека зелената обврзница на пазарот на хартии од вредност доаѓа по успешното воведување на граѓанската обврзница, за која беше објавена првата емисија во текот на јули годинава и на која беше пројавен интерес два и пол пати поголем од објавениот износ на проспектот на обврзницата.

МФ најавува дека согласно со Стратегијата за развој на пазарот на капитал и Планот за забрзан економски раст покрај овие два инструмента, на пазарот во наредниот период ќе бидат понудени и проекти обврзници и развојни обврзници, кои се насочени кон разојни проекти и проекти поврзани со инфраструктурата. Дополнително, по издавање на зелената обврзница ќе се издаде и втората граѓанска обврзница.

Граѓаните и правните лица заинтересирани за учество на аукцијата и запишување на зелени обврзници може да поднесат барање заклучно до понеделник, 2 октомври 2023 година. лв/бак/

Фото: МИА архива

 

Остани поврзан