• среда, 25 декември 2024

Објавен Макроекономскиот монитор на Фајнанс тинк за четвртиот квартал лани

Објавен Макроекономскиот монитор на Фајнанс тинк за четвртиот квартал лани
Скопје, 5 март 2021 (МИА) - Во четвртиот квартал од 2020 година, БДП се намали за -0,7 отсто, што е во линија со иницијалната проекција од Фајнанс тинк од -0,8 отсто. Во овој квартал, продолжи растот на јавната потрошувачка (6,6%) како резултат на државната помош за намалување на социо-економските последици од корона-кризата, но со помал интензитет од претходно, се порачува во Макроекономскиот монитор К4 2020 што го објави Фајнанс тинк. -Извозот забележа стабилизација (раст од 1,3 отсто), додека домаќинствата и натаму се воздржуваа од позначајна лична потрошувачка (пад од -4,3%). Инвестициската активност остана значајно потисната (пад од -13%). На производната страна, повеќе од секторите забележуваат консолидација во К4-2020, особено преработувачката индустрија, трговијата и транспортот, кои беа меѓу најпогодените од кризата. Вкупно, во 2020, БДП се намали за -4,5%, што е нешто подобро остварување од нашата проекција од -4,8%, се вели во Макроекономскиот монитор К4 2020. Невработеноста во четвртиот квартал од 2020 година, се додава, понатамошно благо се намали, на 16,1 процент од претходните 16,5 проценти, додека, за разлика од претходните квартали, вработеноста забележа благо зголемување, од 46,6 на 46,8 проценти. -Оттука, пасивизацијата на активното население која се интензивираше во претходните два квартала е сопрена, но нема позначајни знаци на реактивирање. Во четвртиот квартал, преработувачката индустрија, трговијата и транспортот креирале работни места, што е во линија со нивната консолидација, додека критичен сектор погоден од кризата останува хотелиерството и услугите со храна – сектор кој во К4-2020 изгубил близу 4.700 работни места, што е најголема секторска загуба на квартална основа, се вели во Макроекономскиот монитор К4 2020. Се нагласува дека економијата се соочува со понатамошна неизвесност во првиот квартал од 2021 година, со значаен ризик таа да продолжи и да се продлабочи под влијание на варијабилните информации сврзани со интензивирањето на вакцинирањето. -Под претпоставка дека економските текови ќе може да се нормализираат до разумен степен до почетокот на есента 2021, проекцијата за растот на БДП во 2021 изнесува 4,1 отсто, посочуваат од Фајнанс тинк. вј/лв/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан